Катастрофална сообраќајна несреќа денеска ги однесе животите на тројца албански државјани, кога бугарски камион поради преголема брзина удрил во нивниот автомобил што чекал ред на наплатна рампа кај градот Комотини во североисточна Грција, јави Бугарско национално радио.
Загинатите се враќале од свадба.
Камионот удрил во последниот автомобил во редот, во кој биле загинатите, по што автомобилот бил опожарен. Изгореле тројца од луѓето во тој автомобил, а четвртиот се спасил. Ударот го оштетил и автомобилот пред автомобилот удрен од бугарскиот камион. Луѓето во тој автомобил се пренесени во болница со лесни повреди и не се во животна опасност.
Возачот на камионот бил тешко повреден, но по операцијата во болницата во Комотини, не е во животна опасност. Со него во кабината на камионот бил друг Бугарин, кој не бил повреден.
Патниците во двата автомобила се албански државјани што живееле во Атина. Тие се враќале од свадба.
Несреќата се случила на автопатот „Егнатија“ во правец од Комотини кон Ксанти.
Многу бргу по несреќата за интервенција пристигнале 9 пожарникарски возила и неколку возила Брза помош.