ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека се очекува ново зголемување на платите во образованието, но во следната 2026 година. Ова беше соопштено на прес-конференција во седиштето на партијата.
-Откако Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ го започна својот мандат, наставниците добија зголемување на платите од над 12 проценти. Следното покачување ќе изнесува помеѓу 7,5% и 10%, во зависност од степенот на инфлација, а ќе се случува во текот на учебната година, поточно во март 2026 година, вели Емилија Бошковска од Централната комисија за образование и наука при партијата.
Бошковска информира дека расте поддршката кон учениците, преку зголемени квоти на стипендии и покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади.
-Образованието е приоритет за оваа Влада и за ВМРО–ДПМНЕ. Буџетот за овој ресор годинава е најголем досега и изнесува речиси 40 милијарди денари, односно за 6 повеќе од лани. Застојот од изминатите 7 години е откочен. Промените се интензивираат, се следат глобалните трендови и стандарди, а квалитетот се зголемува.
Најпосле образованието го добива заслуженото внимание и станува вистински ресурс на државниот просперитет, рекоа од најголемата владеачка партија на првиот училишен ден.