Интервју со Бакиу: Има луѓе кои што размислуват строго етнички и велат дека Албанец не може да го освои Скопје, но со добра понуда и квалитетен кандидат, градот може да биде Лондон во развојна смисла

Јас не сум за политички спектакли туку за одржливи решенија, aко постојат градби што ја загрозуваат безбедноста на граѓаните или ги блокираат јавните простори, тогаш мора да се отстранат - вели за „Локално“ кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Скопје, Башким Бакиу

од Nikola Popovski
83 прегледи Фото: Фејсбук

Мојата мотивација произлегува од еден јасен императив – Скопје има потреба од суштинска промена. Главниот град, кој треба да биде симбол на модерноста и двигател на државата, предолго беше заробен од неконтролирана урбанизација, партиски интереси и нефункционално управување, вели во интервју за „Локално“, директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe и кандидат на ВЛЕН за градоначалник на Град Скопје, Башким Бакиу за неговата одлука да влезе во изборната трка за главната функција во градот.

Според нго, коренот на проблемот е хроничното лошо управување, отсуството на стратегиско планирање и политизацијата на секоја одлука. Смета дека овој пат Скопје нема да бара, туку ќе го добие она што му припаѓа.

-Свесен сум дека има луѓе кои што размислуват строго етнички, а има и луѓе кои што велат дека Албанец не може да го освои Скопје, но со добра понуда и квалитетен кандидат, Скопје може да биде Лондон, и од развојна смисла и како кандидатура, тврди Бакиу во интервјуто.

Кандидатот на ВЛЕН оценува дека не е фер што Чаир постојано е јавно сатанизиран како единствена општина со дивоградби и тврди дека проблемот е многу поширок – речиси во секоја општина во Скопје постојат вакви случаи, но селективно се посочува само општина Чаир.

Бакиу доколку ја добие поддршката на скопјани најавува зелен, правичен и еднаков град, во кој развојот ги опфаќа сите општини, каде што граѓаните живеат во хармонија и имаат пристап до модерни услуги, квалитетна инфраструктура и еднакви можности.

Која беше вашата мотивација да се кандидирате за градоначалник на главниот град?

-Мојата мотивација произлегува од еден јасен императив – Скопје има потреба од суштинска промена. Главниот град, кој треба да биде симбол на модерноста и двигател на државата, предолго беше заробен од неконтролирана урбанизација, партиски интереси и нефункционално управување.

Најголем дел од жителите на Скопје се незадоволни од досегашнниот начин на управување со градот. Со мојата кандидатура ги повикувам да го изразат своето незадоволство гласајќи за една понуда, што нагласува развоји модернизација, учество на граѓаните во донесување на одлуки. Во таа насока го ставам моето образование во Европа како и долгогодишното искуство во невладини организации и меѓународни организации токму во сферата на децентрализацијата.

Како еден директор на јавна установа од областа на здравството планира да го среди градот? Кои се најголемите проблеми во ваши очи?

-Во институцијата со која раководам, научив дека успехот е можен единствено таму каде што постојат ред, транспарентност и одговорност. Токму овие три принципи сакам да ги пренесам и во управувањето со градот.

Најголемиот проблем на Скопје не е само сообраќајот, загадувањето или недостатокот на зеленило – тие се симптоми. Коренот на проблемот е хроничното лошо управување, отсуството на стратегиско планирање и политизацијата на секоја одлука. Денес гледаме град кој се задушува од неконтролирани градби и нефункционални решенија.

Време е овој град да се излекува.

Што ќе биде клучно за вашиот успех над кандидатот на ДУИ на овие избори?

-ДУИ веќе 20 години владее со градот и е виновна за целокупниот создаден хаос. ДУИ била во коалиција и со левичари и со десничари и со независни и либерали и е виновна за се што е во негатвна конотација за градот. Патем и се уште имаме места каде што граѓаните немат вода за пиење и елементарни потреби за живот.

ВЛЕН е новата надеж, затоа што нуди јасна програма без непотребни товарења и визија за Скопје и за секоја општина во државата. Граѓаните добро знаат кој ја имал шансата и кој не, а суштината на ВЛЕН, пред сè и над сè, е токму граѓанинот. Овој пат Скопје нема да бара, туку ќе го добие она што му припаѓа.

ДУИ и ВЛЕН се во своевидна војна за гласови, може да се забележи и поделбата во албанскиот блок. дека Велите, албанскиот кандидат може да се пласира во вториот круг ако гласовите на Албанците не се поделени. Како да се стигне до тој момент, односно помирување?

-Свесен сум дека има луѓе кои што размислуват строго етнички, а има и луѓе кои што велат дека Албанец не може да го освои Скопје, но со добра понуда и квалитетен кандидат Скопје може да биде Лондон – и од развојна смисла и како кандидатура. Македонија и Скопје им припаѓа на сите жители без оглед на нивната етничка припадност. Треба да гледаме напред, а не да биде заложници на минатото, затоа мојата понуда е експертизата и искуството. Имам завршено образование  надвор од државата токму во областа на децентралзиацијата. Имав можност да магистрирам и да работам во неколку земји во европа, така да би сакал моето стекнато знаење надвор да го пренесам во градот каде што живеам јас и моето семејство. На пример  Љубљана е одличен пример како го решил проблемот со депониите и трансформација на еко-град, зошто Скопје да не биде еколошки град? Како останати метрополи имаат евтин, лесно достапен и модерен јавен траснпорт. Скопје има потреба од брз, достапен на време јавен транспорт.

Ние сме отворени за соработка со сите кои искрено сакаат да придонесат за градот, но тоа е можно само врз темелите на еднаквост и граѓански интерес. Затоа велиме без двоумење: тука нема компромис. Сè додека од другата страна не се појават вистински знаци на внатрепартиска и кадровска реформа, тешко е да се најде заеднички јазик.

Има ли сепак договор за гласање на „вмровскиот“ кандидат во вториот круг, што е многу извесно дека ќе се најде таму, ако ги гледаме резултатите од минатите парламентарни избори?

-Како човек, и како кандидат, не сум влегол во овој натпревар за да загубам. Јас сум тука за да победам и да бидам гласот на граѓаните на Скопје. Нашата визија е јасна: Скопје да стане функционален, зелен и европски град. И верувам дека токму таа визија ќе ја добие поддршката на граѓаните.

Темата за дивоградбите е меѓу „алатките“ за привлекување гласови во предизборниот период, во последниве месеци насочена главно кон Чаир. Како гледате на целата ситуација, генерално, со дивоградбите во главниот град? Од вашата коалициска партија најавија дури и нивно рушење, па и распишаа тендер за компанија која ќе го прави тоа…

-Не е фер Чаир постојано да биде јавно сатанизиран како единствена општина со дивоградби. Проблемот е многу поширок – речиси во секоја општина во Скопје постојат вакви случаи, но селективно се посочува само Чаир.

Ако сакаме праведно решение, тогаш законот мора да важи еднакво за сите: таму каде што има услови за легализација – да се легализира, а таму каде што е загрозен јавниот интерес – да се најде соодветно и одржливо решение.

Само така ќе ставиме крај на двојните стандарди и ќе изградиме доверба кај граѓаните. А токму довербата е основата без која ниту еден град не може да функционира.

Може ли да се случи да гледаме слични сцени како што гледаме во Тирана, каде Еди Рама се бори со сличен проблем, но таму почна со рушење. Може ли ситуацијата да се преслика во Скопје, по ваше мислење?

-Секој град има свои специфики. Јас не сум за политички спектакли туку за одржливи решенија. Ако постојат градби што ја загрозуваат безбедноста на граѓаните или ги блокираат јавните простори, тогаш, да – тие мора да се отстранат. Но сакам јасно да напоменам: зборуваме за профитабилни нелегални објекти, за објекти изградени за бизнис и профит, а не за соби или тераси што граѓаните ги направиле за своите семејства. Сето тоа мора да се спроведе транспарентно, врз основа на јасен урбанистички план, а не за шоу пред камери.

Каков е пак вашиот став за „гушењето“ на градот со премногу градби и лошото живеење на граѓаните? Дали сте за продолжување на „градежното силување“ на урбаната мафија или ќе понудите поинакво решение?

-Скопје со години е жртва на хаотична и корумпирана урбанизација. Ова не е само технички проблем со дивоградбите, туку последица на клиентелизам, неказнивост и отсуство на вистинско урбанистичко планирање.

Мојот став е јасен: решенијата мора да бидат институционални, правични и транспарентни. Граѓаните не сакаат политички спектакли, туку ред, сигурност и заштита на јавниот интерес.

Но како човек кој живее во овој град, ме боли кога гледам како Скопје се задушува од бетон и неправда. Време е да го ослободиме, да му го вратиме здивот и достоинството, за да биде град што инспирира, а не град што разочарува.

На кои проекти ќе се темели вашата програма, доколку, на крајот, бидете избран за Градоначалник на Скопје?

-Официјалната програма ќе го презентираме наскоро, во моментот кога ќе ја направиме целосната јавна промоција. Но можам да издвојам три суштински приоритети.

Скопје – зелен, правичен и еднаков град, во кој развојот ги опфаќа сите општини, каде што граѓаните живеат во хармонија и имаат пристап до модерни услуги, квалитетна инфраструктура и еднакви можности.

Прво – враќањето на довербата на граѓаните во институциите и во процесот на одлучување. Без таа доверба, ниту еден проект нема реална вредност

Зелен и одржлив град-проведување долгорочна програма за намалување на загадувањето на воздухот и ширење на зелените површини и создавање заштитни зелени појаси.

Модерен и достапен јавен превоз, модернизација на автобускиот возен парк со електрични и хибридни возила, нови линии што ќе ги поврзат периферните населби со центарот, интегрирана мрежа на јавни велосипеди и безбедни велосипедски патеки…