Организаторите на фестивалот „Егзит“ (EXIT) денеска соопштија дека фестивалот не се сели во Скопје или Египет, но и дека во моментов нема можност да се одржи во Србија следната година бидејќи е скратено финансирањето од државата.
„Во овој момент, не постои можност фестивалот Егзит да се одржи во Србија следната година, бидејќи на фестивалот, поради поддршка на студентите, му е одбиено секое државно кофинансирање на локално, покраинско и национално ниво. Исто така, од истите причини, на Егзит му е одбиена поддршката од главниот спонзор на фестивалот, кој е во државна сопственост, Mts, по 22 години успешна соработка“, објави фестивалот.
Фестивал од размерите на „Егзит“, како што е наведено, не може да се организира во домашните економски рамки без поддршка од државата.
„Откако објавивме дека сме принудени да ја напуштиме Србија поради државна репресија, добивме бројни покани од целиот свет да организираме фестивали токму таму. Моментално размислуваме кои дестинации ќе станат дел од глобалната турнеја на Exit во наредната година, за што наскоро ќе ја информираме јавноста, а подготвуваме и специјални изненадувања за нашата лојална публика во Србија“, рече основачот и директор на „Eгзит“, Душан Ковачевиќ.
Во однос на најавите дека „Егзит“ се сели во Египет, оттаму соопштија дека африканската држава е една од станиците на глобалната турнеја на фестивалот во 2026 година.
Ваквата реакција следува откако вчера кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави дека главниот град од следната година ќе биде домаќин на Егзит. Тој ова го соопшти во објава на својот фејсбук-профил по состанокот со основачот на фестивалот, Душан Ковачевиќ.