Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов информираше дека „рано утрово пред 4.00 часот изби тежок пожар во сервис за возила пред Пинтија (над Стаклара во местото наречено Каменик) во кој имаше повеќе автомобили, масло и други запаливи предмети“.
Како што кажа Ангелов, „БППЗ Скопје веднаш излезе на лице место и со 8 возила после тешка борба со огнот, пожарот беше изгаснат пред 6.00 часот“.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска утрово објави видео од безбедносните камери како изгледало палењето на сервисот. На него се гледа едно лице облечено во дуксер како ги полева возилата со бензин, по што ги запалува и бега од местото на настанот.
Инаку, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) утринава велат дека има вкупно 13 пожари на отворен простор од кои еден е активен, а два се под контрола.
Активен е пожарот во Општина Гевгелија кај селото Петрово на планината Кожув. Под контрола се пожарите на депонијата „Дрисла“ и во селото Трубарево каде од саботата гори електричен и електронски отпад.