Косово ги развива своите вооружени сили во координација со стандардите на НАТО, а овој процес има одбранбен, а не офанзивен карактер. Целта е да се зајакнат капацитетите во услови на геополитички околности и постојани закани што доаѓаат од Србија. Во последниве години, Косово се соочи со хибридни операции, па дури и терористички напади поврзани со структури поддржани од Белград. Денес, Србија одржува повеќе од 40 воени бази долж границата со Косово, држејќи ја земјата под постојан притисок и зголемувајќи го ризикот од ескалација, вели во разговор за „Локално“, косовскиот експерт и професор Гуракуч Кучи кој воедно е и виш истражувач во Институтот за студии за хибридно војување „Octopus“.
Oколу последните случувања во неговата држава, Кучи истакнува дека во исто време, внатрешната нестабилност на Србија, авторитарното управување, корупцијата и зависноста од надворешни актери како што е Русија, претставуваат ризик за поширокиот регион.
-Руското влијание ефикасно ја претвори Србија во полномошник на Москва во Западен Балкан, спречувајќи ги соседните држави да го намалат нивото на воена подготвеност. Во овој контекст, соработката меѓу Косово, Албанија и Хрватска не е „офанзивен сојуз“ против Србија, како што често го прикажува Белград. Напротив, тоа е одговор на околностите што самата Србија ги генерираше преку милитаризација, националистичка реторика и усогласување со ревизионистичките сили, посочува соговорникот.
На пошироко ниво, според него, координацијата меѓу авторитарните режими се интензивира.
-Неодамнешната воена парада во Кина, каде што Путин, Вучиќ и други автократи се појавија заедно, беше јасен сигнал дека оваа оска се консолидира во спротивност со демократскиот свет. Во оваа рамка, регионалната соработка меѓу демократските држави како што се Косово, Албанија и Хрватска треба да се разбере како дел од напорите за одржување рамнотежа и одвраќање од агресија.
Затоа, централната загриженост не е „како ќе одговори Србија“, туку како самата Србија се однесува како примарен извор на закана за мирот и безбедноста на Балканот. Доколку Белград продолжи да следи милитаризиран курс и да се потпира на својот сојуз со Москва, ризиците нема да бидат ограничени само на неговите односи со Косово, оценува Кучи.
Запрашан дали можни се нови турбуленции во самата земја, косовскиот професор оценува дека внатрешната нестабилност, особено во регионите со историја на автономија, како што е Војводина, би можела да генерира нови тензии.
-Покрај тоа, експанзионистичката реторика и оживувањето на наративите за Балканските војни предизвикуваат загриженост кај соседите како што се Македонија и Бугарија, дополнително поставувајќи ја Србија како фактор на регионална несигурност, заклучува Кучи.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Албин Курти
Премиерот во технички мандат и лидер на Самоопределување, Албин Курти презентираше обемен план за зајакнување на косовската армија и меѓународните партнерства, додека Косово е во длабока политичко-уставна криза веќе осми месец – ниту собранието ниту владата не се формирани од парламентарните избори на 9 февруари.
„За нашата армија во четирите години од следниот мандат ќе издвоиме буџет од над една милијарда евра“, рече Курти, најавувајќи функционализација на фабриката за муниција, развој, како што изјави, на воената индустрија и забрзано регрутирање на нови кадети, со посебна цел да има 1.000 жени и девојки во армијата.
Тој, исто така, најави спроведување на програмата „сеопфатна одбрана“: „Во рамките на оваа програма, секој резервист-доброволец ќе има соодветна обука и оружје во случај на мобилизација“.
КБС е во процес на транзиција или трансформација во, како што се претставува на косовската јавност, војска. Процесот започна. декември 2018 година. со усвојување на збир од три закони – Закон за правила за служба на припадниците на КБС, Закон за трансформација на Министерството на КБС во Министерство за одбрана и Закон за трансформација на КБС во вооружени сили на Косово.
Српската листа не го искористи законскиот рок за да поднесе жалба до Уставниот суд. и покрај најавите дека ќе го стори тоа. Иако, тие рекоа дека ќе застанат „со голи раце“ пред народот за да го „одбранат“.
КБС не можат да одат на север, бидејќи во тоа е спречено со посебен договор меѓу Косово и НАТО од 2013 година, во кој Приштина се обврзува дека – секој влез на припадници на КБС на Север мора да се изврши со одобрение на командантот на мисијата КФОР.
Н.П.