Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, преку станиците инсталирани ширум државата и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава во 03:20 часот регистрира земјотрес со епицентар во соседна Грција.
Земјотресот бил со Рихтерова локална магнитуда од 5.0 степени, а епицентарот се наоѓал околу 290 километри југоисточно од Скопје.
„Според досегашните податоци со кои располагаме, земјотресот е почувствуван во југоисточните делови од државата со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, информираат од Сеизмолошката опсерваторија.
Досега нема извештаи за повредени или материјална штета.