Во очи на претстојните локални избори кои ќе се одржат оваа есен во октомври и ноември, веројатно како никогаш досега, политичките математики и комбинаторики се однапред познати, со исклучок на само неколку Општини во таканаречениот етничко-македонски политички блок. Што се однесува до политичката разрешница во т.н етничко – албански политички блок, таму ситуацијата е драстично поразлична, односно се очекува епска битка на политичките,, титани” во Општина Чаир, но и низ другите големи општини низ Западна Македонија, каде што победува етнички Албанец, но гласовите на етничките Македонци се пресудни во вториот круг на изборите.
Кој ќе слави, каде ќе „летаат политички глави“?
Се чини, дека најкомотна позиција на овие избори има лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на македонската влада Христијан Мицкоски. Освен што нема никаква загроза за неговиот рејтинг, нема ниту реална опозиција која му дише во врат и може да го порази во догледна иднина. Барем засега. Се очекува голема победа на неговата партија во сите скопски општини, каде што десницата има градоначалници, вклучувајќи го и Градот Скопје, со исклучок на Општина Центар, каде што и расположението на граѓаните и анкетите, велат дека ќе победи актуелниот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски. Особено што има речиси непознат за јавноста прокси кандидат од владејачкото мнозинство, преку партијата ЗНАМ (што значи поранешен социјалдемократ). Многу интересна битка се очекува во скопската Општина Карпош, каде што на мегдан се 5 компететивни кандидати за освојување на илјадници гласови во првиот изборен круг. Во Општините низ Републиката, десницата ќе победи низ сите градови каде што ја има власта досега на локално ниво, додека кутрата левица (сдсм), ќе биде барем конкурентна во Општините каде што се уште има актуелни градоначалници. Тоа се помали општини во изборните едници на истокот, југоистокот, југот и југозападот низ Македонија. Дополнително, поради несмасност на лидерот на опозицијата, голем дел од минатогодишните коалициски партнери, на овие избори настапуваат или сами или во коалиции предводени од нив. Па така по првото отклонување на ДОМ, имаме формиранана и предводена коалиција од Либерално – демократската партија (ЛДП), која постигна значителен успех на минатите локални избори. Тоа им дава самодоверба и кураж, овој пат со уште поголема храброст да претендираат на повеќе гласови од минатите избори и да се релегитимираат и ревалоризираат како сериозен фактор на македонската политичка сцена. Носителската листа во Градот Скопје, предводена од тешкашот во локалната самоуправа, поранешниот градоначалник на Град Скопје во два мандати Ристо Пенов, но и Никола Пановски, надополнета со респектабилни доктори, ќе придонесе за привлекување на центар/лево/либералните и зелено ориентирани гласачи, особено во урбаните средини и јадра во главниот град на Македонија, не само на листата за Скопје, туку и на листите, пред се во Карпош, Центар, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров. Дополнително, оваа коалиција, има преку 35 листи низ државата, што значи се очекува позитивен резултат.
Клучот е во албанскиот блок!
Разврската на македонската политичка сага, се очекува да произлезе од резултатите во етноалбанскиот политички блок. Доколку ДУИ однесе огромна победа на советничките листи и победи во поголем дел од градоначалниците, тогаш коалицијата ВРЕДИ ќе оди во тотален распад во иднина. Што значи, и покрај негирањето на премиерот дека нема да има предвремени избори в година, тешко дека оваа влада ќе опстои 4 години. Доколку ВЛЕН оствари поволен резултат (прашање е што е тоа поволен, освен чиста победа) тогаш ќе има политички мирни води за власта. Што се однесува до македонската опозиција предводена од СДСМ, и нејзиниот лидер, веројатно го фатила патот кон неповратот во целосна маргинализација на политичката сцена. Гледам дека и многу, многу нејзиниот стечаен управник, не се заморува со тоа. Се слика по јахти кај нашиот јужен сосед и изигрува фотограф со телефон на неговиот господар во Дубаи. Членовите и поранешните високи функционери имаат морална одговорност да си ја вратат партијата во свои раце, после епскиот пораз на локалните избори. Да не отиде целосно во неповратно понирање и тонење, од кое враќање назад ќе нема.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.