Ако не е некаква постмодерна сатира или пастиш-уметничка форма на израз со параболична дисеминација на значења, денешната колумна на Фрчковски за кого велат дека сеуште имал големо влијание во креирањето на политиките на СДСМ е нешто најлошото што сум го прочитал во последно време. И тоа во секоја смисла на зборот, посебно ако се третира како текст со интенција да биде некакво советодавно јавно обраќање, да не кажам молба, кон мицковистичко дпмне односно режимот и, последователно, кон СДСМ како совет за делување. Дотолку бев збунет кога го прочитав тоа писание, за кое сеуште имам надеж дека е само специфична сатира, што утринава Мицко и син му Дракула (нагалено Драки), моите мали кучиња, останаа зачудени зошто не станувам во мигот кога тие ќе побараат појадок, како што тоа е вообичаено. Но, денес не е обичен ден! Додека тие збунето ме гледаа, јас бев уште по-збунет. Читав, читав и се шокирав – па тоа, драги мои, Фрчковски да ти бара голема коалиција меѓу СДСМ, мицковистичко ДПМНЕ и се разбира, ДУИ и ВЛЕН. Да, верувале или не, така пишува: – „ Спасот’, драги мои за нив (се мисли на ДПМНЕ – заб. Т.Н.), а шансата за демократска Македонија е во создавањето на Голема владина коалиција. Таа срамежливо се најави со можноста за прифаќање на планот на СДСМ за одблокирање на ЕУ интегративните процеси.“ – цитирано според „Се гледа крајот, а се гледа и можен почеток“, 23.09.2025 08:31, Либертас.мк.
Значи, човеков за кого велат дека е идеолог на СДСМ, тврди дека „Владата првата лузна ќе ја добие на локалните избори, кога ДПМНЕ веројатно ќе падне за некои стотина илјади гласа. Второ, најверојатно ДУИ ќе избрише патос со ВЛЕН и владата ќе остане без ниту еден автентичен албански претставник во неа. Што е втор проблем после падот на гласови“. Понатаму вели и дека „На ДПМНЕ му е потребен СДСМ да ја подели политичката одговорност за уставните измени и внесување на Бугарите како малцинство во Уставот, но и како ‘бафер’ кон ДУИ, кога ќе треба да влезе во Владата.“ И, за вицот да биде уште поголем, открива и една голема тајна, пикантерија за која имаше озборувања во добро информирани новинарски и политички кругови меѓутоа досега не и потврда од веродостоен сведок а можеби и учесник – „Во политичката историја на владите на Македонија бевме блиску до почеток на таква мирнодопска реализација со идејата на Заев која ДПМНЕ тогаш ја прифати, на крајот на владата на Ковачевски. Но СДСМ тогаш згреши водејќи се од погрешни процени дека може да ги добие изборите, имено од тесно партиска проценка, а не од можноста да се смени политичкото искуство и систем на составување на владите во Македонија.“ (sic!).
Одамна знам дека еден од најголемите проблеми кои СДСМ ги имаат при своето делување, и порано а посебно во изминатите година и половина колку што отприлика мицковистичко дпмне се на власт, е што воопшто не го познаваат системот на мислење и моделот на размислување на мицковистичко дпмне. Тоа е нивен клучен проблем поради кои многу често креираат и реализираат неефективни политики и превземаат сосема погрешни партиски дества, барем во контекст на гласачки рејтинг. Тоа нивно непопознавање на специфичниот модел на мислење инхерентен на раководството на мицковистичко дпмне но транспонирано практично кај секој нивен припадник во смисла на беспоговорно и некритичко прифаќање на партиските наредби е конгломерат на посебни методи и техники на филтрирање на одлуките и потоа партиските дејства исклучиво преку првата и последна цел – партиска и персонална добивка во онаа холистичка смисла на зборот. Исклучиво ако нешто може да им донесе корист, а посебно ако е комбинирано со можност и за лично или тесно-партиско повеќедимензионално профитирање, може да биде прифатено – ако го нема тој исклучив критериум односно не го исполнува, нема ниту теоретски шанси некоја битна идеја или проект или одлука да биде донесена. Таа безобѕирна прагматичност и груба симплификација на Вилијам Џејмс е нешто кое е детерминанта на политичкото дејствување на мицковистичко дпмне. Кој не го разбрал тоа, нема да може никогаш ниту да ги победи на избори. Подробностите на тој модел на мислење заслужува посебна анализа, но да се вратиме на неколку мошне прости факти кои овој предлог-барање на Фрчковски за Голема владина коалиција после локалните избори (Голема, со голема бква г, е на авторот Фрчковски) не само што е смешна, туку е и најбрзиот пат кон зацврстување на диктатурата на режимот и опасна по демократијата, која како-така сеуште постои овде, иако се повеќе ограничена и само формално поставена. Имено, дури и да се реализира првиот услов кои наводно, нели, ќе ги примора дпмне да прифатат голема владина коалиција за свој спас (!!), а тоа е падот за стотина илјади гласови на мицковистичко дпмне, тоа сепак не значи и дека тие стотина илјади гласови, ако има процентуално балансирана излезност на локалните избори, тие гласови ќе завршат кај СДСМ. Но, дури и да завршат, дури и во таков реално малку веројатен исход, повторно разликата во гласови како и да се бројат и калкулираат и пертубираат, ќе биде сепак мошне висока во полза на дпмне. Второ, дури и таа намалена разлика да се случи, покрај фактот дека тоа се локални а не парламентарни избори, тоа самото по себе не го намалува формално-правниот легитимитет на режимот и дпмне (постои суштинско делегитимирање бидејќи нивната победа беше резултат на големи политички лаги, но тоа е друго, веќе имам пишувано за тоа на овој портал). Вториот услов кои ќе ги примора дпмне да се спасуваат себеси преку голема владина коалиција според зборовите на Фрчковски е со поголема веројатност за исполнување, а тоа е победата на ДУИ врз ВЛЕН. Меѓутоа, тука проблемот е следен – голем дел од својата изборна кампања мицковистичко дпмне ја темелеше на нескриено навредување на ДУИ со жесток вокабулар – ги нарекуваат криминалци, а пред неколку дена во едно шокантно партиско соопштение спомнаа и дека биле овчари кои станале богаташи, така некако – а ис тата кампања против ДУИ им трае до ден-денес. Стопати јавно кажаното против ДУИ дури и за нив, внатрепартиски диктаторски организираната дпмне, нема да може да го промени, сепак тоа би било неприфатливо за голем дел од нивното членство дури и ако раководството сериозно би имале намера за такво нешто. Оттаму, незамисливо е дпмне да направи коалиција со ДУИ а ги отфрли ВЛЕН со кои соработуваше години и години наназад, односно нивната коалиција е веќе толку силно испреплетена што е незамисливо да се оттргнат еден од друг. За разлика од Фрчковски, јас сум уверен дека ако ДУИ го победи ВЛЕН, дури и со голема разлика, нема ништо да се случи,т.е. владината коалиција односно режимот ќе продолжи да си функционира, впрочем забележете го мигот кога велат дека владината коалиција ќе победи на локалните избори, што значи дека тие веќе настапуваат унифицирано, како владина коалиција а не посебно и не е можна диверзификација на гласовите од таков аспект. Збирот на гласови на дпмне и ЗНАМ далеку ќе го надомести минусот гласови на ВЛЕН пред ДУИ, просто кажано, и тоа ќе биде политичката интерпретација со која ќе се неутрализира барањето на ДУИ да бидат во влада како победник кај Албанците.
Трето, лично сум многу задоволен што таков важен човек за СДСМ како Фрчковски потврди дека имало состаноци и договори и преговори меѓу СДСМ и мицковистичко дпмне пред иборите на 8 Мај 2024 година. Тоа е нешто кое јас го мислев односно донесов таков заклучок врз основа на јавни кажувања на многу релевантни политичари, меѓутоа досега интерна, така да се каже внатрепартиска потврда за тоа сепак немаше. Значи, Фрчковски ни откри дека имало идеја на Заев (sic!!) за голема владина коалиција која била прифатена од дпмне! Арно ама, потоа СДСМ се предомислиле, според напишаното од Фрчковски, и затоа не се реализирала тогаш, пред изборите во 2024 год. Лично, не сум сигурен дека ова е вистина, поверојатно е дека дпмне се предомислиле кога дознале дека можат убедливо да победат, што впрочем и се случи, можеби врз основа на друг прифатен договор за кои Фрчковски сега не пишува, но којзнае, може некогаш пак ќе си ја отвори душата како денес! Сеедно, овде најбитна е потврдата дека имало, повторувам, имало договори меѓу СДСМ и дпмне мицковистичко, под водство на Заев. Лично мислам дека и ден-денес има, но за тоа нека си прашаат членовите на СДСМ кај Венко и Заев. Не за друго, туку заради тоа што се додека има договори, се е можно, од валкани дилови за лична корист при што се жртвува обичното искрено партиско членство до намерно лоши политички дејства и одлуки со цел да има намерен пораз, договорено, нели.
Четврто важно во ова шокантно писание на Фрчковски односно барањето и воопшто самата идеја за голема владина коалиција, која се разбира нема да се случи затоа што не им е во интерес на дпмне, влен и знам во нивната нескриена цел за тоталитарно владеење, е скандалозното поништување на демократијата во целост а посебно како гласачки принцип во современите општества и држави. Па кој би бил опозиција тогаш, ако има голема владина коалиција? И зошто би се исклучиле претставниците на 50-ина регистрирани политички партии, секоја со свои гласачки групи од интерес или концепции? Дали мајоризацијата преку таква голема владина коалиција воопшто може да биде нешто друго освен еднопартиски систем а ла СФРЈ на Тито, едноумие, тоталитаризам на сите нивоа на управување во државата, итн. посебно кога, како што самиот Фрчковски бара, таа би била некаков, цитирам „Џентлменски постојан договор во политичкиот систем“ (!!). Господине Фрчковски, таква промена на политичкиот систем е антиуставна, антидемократска, невидена во Европа, и нема минимум шанси да се реализира – освен ако Фрчковски не сака да прави сојуз со Северна Кореја, што е секако можност.
Има уште многу легитимни аспекти на објективна и аргументирана критика кон оваа скандалозна колумна на Фрчковски, но се надевам и верувам дека сепак никој битен во СДСМ, па и во дпмне мицковистичко нема да ја третира сериозно. За дпмне сум сигурен, затоа што таква голема владина коалиција воопшто не им е во интерес, а за СДСМ не знам, толку „генијалци“ собра Венко околу него што просто Витгенштајновски мора да се молчи. Јас мислам дека од овој предлог освен маркетинг на дпмне кои веројатно ќе речат – еве, гледајте, СДСМ молат да бидат во власта, или така некако – ништо нема да има или да биде од ова напишаното од Фрчковски. Дпмне ќе победи на локалните избори, режимот ќе продолжи да владее, ДУИ прозаично ќе лелека дека е прекршен охридскиот рамковен договор и некои принципи како власт на победник со победник, и толку. За сето тоа време, државата ќе осиромашува, диктатурата на режимот ќе станува се побрутална, ќе има нов слики од Заев и Венко дали од дубаи или на некоја јахта ќе видиме, мицињата ќе се богатат преку државниот буџет, и така. Се разбира, може да биде поинаку но после откровението-потврдата на Фрчковски дека имало договор Заев- Мицкоски односно Заевото СДСМ со мицковистичко дпмне кои сееедно од кои причини не се реализирал, бесмислено е да се пишува подробно, на пример за можноста од брз и нов договор на СДСМ со ДУИ, заедничко напуштање на собранието односно делегитимирање на партизираните институции на системот, алармирање на меѓународната заедница дека РСМ не е демократска државата туку диктатура во мициленд, со цел предвремени избори и победа на народот врз анти-ЕУ режимот кои ја направи оваа држава најсиромашна во Европа, но за жал, залудно е. Ете ви ги интелектуалците на Венко и Заев па тие нека ви пишуваат за тоа.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.