Невидена неодговорност и шарлатанство, сега трудниците ќе користат помалку безбеден аналгетик – вели д-р Пановски за изјавата на Трамп за аутизмот и парацетамолот

Д-р Пановски за „Локално“: Засега парацетамолот важи за најбезбеден лек при болки или покачена телесна температура при бременост

од Nikola Popovski
78 прегледи Фото: Принтскрин

„Не заслужува коментар, освен невидена неодговорност и шарлатанство. Претседател зборува за несакани дејства на лекови. Каде оди и каде ќе отиде САД“, вели доктор Никола Пановски за тврдењата на американската Влада дека парацетамолот го зголемува ризикот од аутизам.

И да е точно тврдењето, вели Пановски за „Локално“, тоа не е работа на претседателот на САД, Доналд Трамп. Целата порака на Трамп ја смета за скандал.

-ФДА дали ќе информира ќе видиме, зошто тој избрзува? Сега за сега парацетамолот важи за најбезбеден лек при болки или покачена телесна температура при бременост. Штетата е направена и е огромна. Сега трудниците ќе користат помалку безбеден аналгетик и антипиретик, истакнува микробиологот Пановски.

Доналд Трамп и министерот за здравство на САД, Џон Кенеди помладиот

Американскиот претседател го доведе во врска аутизмот со употребата на аналгетикот „Тајленол“ за време на бременоста и со имунизацијата во детството, иако овие тврдења немаат научна основа.

Трамп им препорача на трудниците да избегнуваат лекови со парацетамол како активна состојка, а на родителите да не им даваат вакцини на своите деца истовремено или предвреме.

Тој соопшти дека Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) ќе ги информира докторите дека употребата на ацетаминофен (парацетамол) за време на бременоста “може да биде поврзана со значително зголемен ризик од аутизам кај бебиња”.

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека доказите за врска меѓу употребата на парацетамол за време на бременост и аутизам остануваат неконзистентни, додека вредноста на вакцините што спасуваат животи не треба да се доведува во прашање.

Европската агенција за лекови (ЕМА) и британските здравствени институции, како што пренесува Би-Би-Си, ја потврдија безбедноста на парацетамолот за време на бременост, оспорувајќи го предупредувањето на Трамп. „Достапните докази не пронајдоа врска меѓу употребата на парацетамол во бременост и аутизам“, наведе ЕМА во соопштение, нагласувајќи дека лекот може да се користи кога е потребен, но во најниска ефективна доза и фрекфентност. Британскиот регулатор вчера потврди дека е безбеден.

Американската администрација за храна и лекови (ФДА) издаде умерено упатство до лекарите да го ограничат користењето на ацетаминофен (активната состојка во Тајленол), но нагласи дека е најбезбедната опција за третман на треска и болка кај бремените жени, кои можат да го загрозат мајчинското и феталното здравје. „Иако многу студии опишуваат поврзаност меѓу ацетаминофен и аутизам, каузална врска не е утврдена, а постојат и спротивни студии“, наведе ФДА.

Н.П.

Слични содржини