Муратовска за „Локално„: Европа ќе ни ги земе возачите на камиони, а дуќаните ќе ни бидат празни

„Бараме поголеми даночни ослободувања, односно 100 отсто да им се исплаќаат дневниците на возачите на камиони и да не плаќаат данок. Ние плаќаме персонален данок на доход на дневницата која не е целосно личен доход на возачот, бидејќи тука влегуваат сите трошоци на транспортерите,“ додава Муратовска

од Vladimir Zorba
945 прегледи Фото: Фејсбук/ Официјален профил на Асоцијација Макам-транс

Возачите на камиони кои вршат меѓународен превоз мора да поседуваат разни сертификати и да испочитуваат многу правила и прописи кои важат во меѓународниот сообраќај. Освен возачка дозвола за „Ц“ и „Д“ категорија возачите на камиони и автобуси мора да поседуваат Сертификат за професионална компетентност на возачи, а оние кои превезуваат нафта и нафтени деривати мора да поседуваат АДР Сертификат. Сертификатите кои ги најавува претседателот на САД, Доналд Трамп се однесуваат на професионалните правила на возачите на камиони кои важат во Ервопа и во САД, вели за „Локално“, генералниот секретар на Асоцијација Макам-транс Биљана Муратовска.

-Освен Сертификат за возачи, возачите на камиони мора да поседуваат и АДР Сертификат за оние кои превезуваат опасни материи – горива, плин…во цистерни и општ сертификат за превоз на опасни материи во камион. Сите возачи во внатрешниот и меѓународниот сообраќај мора да имаат тахографски картички, кои се дел од опремата на возилото. Секое возило има тахограф и ако возачот сака да го стартува возилото ја става картичката. Во меѓународниот сообраќај има посебен Закон со кој им се мери работното време на возачите на камиони, како и времето за паузи, одмори…Ние работиме според АЕТР спогодба, односно како што секоја дејност има посебен Закон за работни односи, оваа спогодба ги уредува работните односи на возачите на автобуси и камиони затоа што во текот на 24 часа секоја секунда им се мери. Во рамките на оваа спогодба е регулирано и времето за задолжителен дневен и неделен одмор, вели Муратовска.

Таа појаснува дека сертификатите кои ги најавува претседателот Трамп се однесуваат на овие професионални правила и прописи кои треба да ги почитува секој возач на камион кој врши меѓународен превоз на стока.

-Референтите за логистика освен овие работи мора да знаат и каква стока превезуваат возачите. За да не стои стоката на граница мора да се знаат и царинските процедури и одобренија за увоз. Треба да се знаат карактеристиките на стоката за да се знае со кое возило да се превезува, односно треба да се знаат димензиите, капацитетот на возилото за да ја заштити стоката и да биде ефикасно исполнет просторот на транспортното средство, објаснува Муратовска.

Таа вели дека бараат даночно олеснување за дневниците на транспортерите. „Бараме поголеми даночни ослободувања, односно 100 отсто да им се исплаќаат дневниците на возачите на камиони и да не плаќаат данок. Ние плаќаме персонален данок на доход на дневницата која не е целосно личен доход на возачот, бидејќи тука влегуваат сите трошоци на транспортерите,“ додава Муратовска.

Според неа, доколку не се реши ова прашање со дневниците, возачите на камиони ќе ни ги соберат во Европа каде има голем недостаток од возачи, а дуќаните ќе ни бидат празни или ќе имаат само скапи производи затоа што превозот ќе го вршат странски превозници.

Таа смета дека потребна е сериозна анализа за тоа колку превозните трговски друштва придонесуваат во полнење на буџетот на државата и тоа со акцизи и ДДВ од горивото од 500 до 1.000 литри по резервоар, патарини, надомест за патишта при регистрација на возниот парк и дополнителни комунални такси по одредени општини, персонален данок за вработените лица, ДДВ за купени возила, ДДВ за превози кои се извршуваат исклучиво на територија на ЕУ или други држави од Европа при што матичната држава не се транзитира, а најбитно од се е приливот на ефективни странски пари.

Б.С.

Слични содржини