Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со американскиот државен секретар Марко Рубио во Њујорк. Рубио се огласи на мрежата X за средбата.
„Драго ми е што денес повторно го видов српскиот претседател Вучиќ во Њујорк. Разговаравме за стратешкиот дијалог што нашите две нации наскоро ќе го започнат и за учеството на САД на ЕКСПО 2027. Ова се можности за понатамошно зајакнување на нашите меѓусебни односи, додека се стремиме да изградиме подобра иднина заедно“, напиша Рубио на X.
За потсетување, Вучиќ е во Њујорк за Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).
На Инстаграм, тој изјави дека средбата со Марко Рубио била „важна и значајна“.
„Исто така, ја разгледавме можноста за нови инвестиции, соработка во областа на енергетиката и новите технологии, како и перспективите што ги нуди механизмот на нашиот стратешки дијалог“, рече Вучиќ, додавајќи дека Србија е посветена на зачувување на мирот и стабилноста, како предуслов за секој понатамошен напредок и подобар живот за сите граѓани.