Георгиев: Бугарија не прифаќа Македонија да го заобиколува или репреговара францускиот предлог

„Ќе продолжам да инсистирам другите земји-членки да избегнуваат каква било двосмисленост што би ја охрабрила Македонија да продолжи со своите неконструктивни дејствија и изјави“, изјавил бугарскиот министер Георгиев

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Фејсбук профил на Георг Георгиев

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев учествуваше на работен појадок со министрите за надворешни работи на Бугарија, Грција, Романија и Хрватска, кој се одржа во рамките на Неделата на високо ниво и Општата дебата на 80-тото заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Четирите први дипломати на балканските земји од ЕУ ја разгледаа европската интеграција на нивните шест соседи, кои сè уште се надвор од Унијата, разговараа за поврзаноста и воената мобилност во регионот.

„Проширувањето на ЕУ е природен приоритет за сите нас. Иако нашите национални позиции за поединечни досиеја не секогаш се совпаѓаат, споделуваме заеднички стратешки интереси, што е солидна основа за тесна координација и интеракција во политиката на проширување и поврзаните прашања на агендата на ЕУ“, рече министерот Георгиев во својот говор.

Бугарскиот прв дипломат им нагласил на своите колеги дека почитувањето на едногласноста е клучно за зачувување на интегритетот на процесот на донесување одлуки.

„Убеден сум дека имаме заедничко разбирање за важноста на добрососедските односи и почитувањето на правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства како суштински елементи на процесот на проширување“, истакнал тој.

Георгиев, исто така, нагласил дека Бугарија го прифати патот за усвојување на европскиот консензус (францускиот предлог) од јули 2022 година, кој се заснова, како што вели, на човековите права како основна вредност на ЕУ.

„Остануваме решени да се придржуваме до него и нема да прифатиме никакви дејствија од страна на Македонија, политички или правни, насочени кон негово заобиколување, повторно преговарање или поткопување. Ќе продолжам да инсистирам другите земји-членки да избегнуваат каква било двосмисленост што би ја охрабрила Македонија да продолжи со своите неконструктивни дејствија и изјави“, навел бугарскиот министер.

Во врска со поврзаноста, Георгиев споделил дека заедно со своите партнери и соседи од ЕУ, Бугарија активно работи на проширување и комплетирање на патната и железничката инфраструктура, енергетската и дигиталната поврзаност со цел проширување на економските, транспортните и енергетските можности на целиот регион.

Слични содржини