Во македонската анти-политика, нема случајности. Но, не сакам да верувам дека сторијата на ИРЛ е намерно пуштена пред избори „да ѝ наштети“ на владејачката партија. Всушност, ако најтрагичниот настан во поновата македонска историја, треба(ло) да наштети по рејтингот на владејачката партија, тоа не требало да се чека до една истражувачка сторија, вели во разговор за „Локално“, аналитичарот Благојче Атанасоски запрашан за најновиот документарен филм на „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ) за трагедијата во Кочани што се случи на 16-ти март годинава.
На прашањето дали ќе се смени нешто во резултатот на изборите поради овие откритија за најстрашниот случај во поновата македонска историја или секој ќе остане длабоко закопан во своите ровови, соговорникот е дециден дека нема да има промени.
-Македонските граѓани живеат во примордијална, претполитичка состојба. Го немаме општествениот договор на Жан Жак Русо. Протестите на мајките од Кочани во гладниот град Скопје, го потврдија тоа-наместо солидарност и емпатија, Скопјани си пиеја кафе по кафулињата. Го чувствуваат тоа како „не на своја кожа“ додека ѓаволот не им дојде по нивното. Македонците ниту денес, ниту никогаш во историјата немале изразена државотворна свест. Ние сме збирштина од зомбизирани луѓе, кои во неподносливата леснотија на секојдневното сивило, си го гледаме сопствениот интерес, без да не занима подалеку од носот, што се случува надвор од нашиот куќен праг. Затоа сме на ова дереџе дојдени како држава и општество, и ќе тонеме уште многу подлабоко, посочува Атанасоски.
Околу тоа каква реакција се очекува од власта и ВМРО-ДПМНЕ, аналитичарот истакнува дека владејачката партија „покажа и докажа дека не чувствува ниту политичка, најмалку морална вина“ за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Благојче Атанасоски/Фото: Принтскрин
-Напротив вината ја префрли врз претходните фунционери и раководства од редовите на СДСМ и ДУИ. Оттука повеќе има шанси да се уапси некој од „противничкиот табор“ отколку да се поднесе оставка од морални /политички причини, особено не сега пред локалните избори, смета Атанасоски.
ИРЛ објави текстуални разговори кои упатуваат дека сопствениците на дискотеката однапред биле предупредувани од инспектори за претстојни контроли. Според ИРЛ, дел од инспекторите од Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи дури примале и скапи подароци за возврат, меѓу кои биле и часовник. ИРЛ објави и текстуални пораки кои покажуваат дека сопствениците на дискотеката комуницирале со инспектори од МВР кои барале привилегии – меѓу нив и резервирани маси во клубот.
„Иако единаесета на листа по бодови Даниела Димовска на 3 јули беше избрана за претседател на Кривичниот суд во Скопје. 15 дена подоцна на 18 јули токму Кривичниот суд го доби предметот за дискотеката Пулс. Магично во обвинението недостасуваат инспекторите од УЈП кои Деко ги подмитувал, а еден од нив е брат на претседателката на Кривичен, Даниела Димовска. Димовска е истата судијка која го осуди градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски“ – ова е само дел со содржините од документарецот на ИРЛ.
Со реакција се огласија и од Основното јавно обвинителство. Велат дека не бил побаран став од нив пред објавување на документарецот.
„Сите наведени докази Јавното обвинителство ги има предвид и по нив постапува и врши проверки. При поднесување на обвинението и на средбата со семејствата на загинатите, јавните обвинители појаснија дека проверки се вршат уште во однос на неколку институции, вклучително и Управата за јавни приходи. Меѓутоа, законските надлежности на УЈП се однесуваат на контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па од тие причини тие не беа опфатени со поднесеното обвинение.
Дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело Тешки дела против општата сигурност од чл.292 од КЗ, не беа предмет на ова обвинение, па проверките во однос на УЈП се вршат во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци. Потврда дека не постои ниту најмала намера овој аспект да се прикрие или да остане неистражен е фактот што презентираната комуникација е дел од извештај на анализирана телефонска комуникација, кој во целост е доставен во Судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение. Јавното обвинителство апелира за воздржаност од изнесување непроверени информации кои можат да ја загрозат натамошната постапка, како и постапката за оцена на поднесеното обвинение“, порачаа од ОЈО.