На вечерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје се обрати кандидатот за градоначалник Орце Ѓорѓиевски кој истакна оти ќе работи да го направи градот пристојно и достоинствено место, заеднички дом кој му припаѓа секој граѓанин без разлика на партија, вера или националност.
Скопје, нагласи тој, може и мора да биде град во кој ќе се живее пристојно убаво и безбедно.
-Град кој ќе носи чиста емоција и искрена љубов од својот народ, да биде град сигурна иднина за нашите млади, но и спокојно место за нашите постари. Ќе биде достоинствен дом за сите нас заедно, рече кандидатот за градоначалник на Град Скопје.
Скопје со него, рече, ќе биде во рацете на човек кој има резултати, искуство и наследство.
-Имам кредибилитет и докажана работа зад себе, имам биографија на исполети ветувања и задоволни граѓани на општината каде бев градоначалник. Скопје ќе биде во раце на човек кој докажал дека знае да работи, сорабтува да ги сослуша граѓаните и да им се најде за било каков проблем, рече Ѓорѓиевски.
Најави дека неговата работа ќе се темели на седум столбови. Првиот е одржлив урбан развој, вториот столб е здрава животна средина, третиот е целосна комунална и сообраќајна обнова, чевртиот столб е културата, петтиот е дигитална трансформација, шестиот се младите и науката, а седмиот столб јавната грижа и безбедноста.