„Промотивната конвенција на коалицијата ВРЕДИ, одржана синоќа во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, јасно го покажа политичкиот реалитет: не само што граѓаните не им веруваат, туку и нивните поранешни поддржувачи ги напуштија. И покрај разулавената пропаганда и нелегалните притисоци од власта, салата остана со празни седишта, додека вистинската жива атмосфера чукаше низ чаршии – од Скопје и Куманово, во Гостивар, Тетово, Кичево па сè до Струга“, соопштија од ДУИ како реакција на вчерашниот партиски митинг на ВЛЕН.
Според партијата на Али Ахмети, народот не одговори на повикот да поддржи проект кој веќе ја изгуби секоја кредибилност и се претвори во голема измама. Причината е јасна, велат оттаму, „ВРЕДИ не исполни ништо, апсолутно ништо од дадените ветувања. Од големите изборни зборови, денес останаа само разочарување и разобличени лаги“.
„Ветуваа 2.500 вработувања – граѓаните добија нула. Ветуваа 10.000 евра за секој граѓанин – граѓаните добија нула. Ветуваа Албанска академија на науките – го донесоа Додик и српските донации. Ветуваа албанска банка – донесоа српска банка. Ветуваа уставни измени и европска интеграција – го донесоа „српскиот свет“. Ветуваа национални програми – го донесоа српскиот МТЕЛ. Ветуваа почитување на Охридскиот договор – го предадоа во рацете на путинистот Иван Стоилковиќ“, додаваат од ДУИ.
Бледата конвенција на ВРЕДИ, истакнуваат од Мала Речица, е најјасната фотографија на нивниот неуспех.
„Албанците веќе ја донесоа својата одлука: тие повеќе не им веруваат, ги напуштија и ги гледаат токму такви какви што се – како огранок на ВМРО кај Албанците. На 19 октомври, граѓаните со глас ќе го заверуваат овој вердикт: ВРЕДИ е измама, е „политичкиот франкенштајн“ на Мицкоски, додека ДУИ останува единствената адреса на Албанците за силно, достоинствено и европско претставување“, стои во партиското соопштение.