Скица на трендовите за локалните избори

🗣Колумна на Атанасоски: Се очекува Центар да биде опозициското јадро на СДСМ во главниот град, можеби и низ целата држава, а владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ да победи во сите скопски општини, вклучувајќи го и главниот град Скопје

од Nikola Popovski
99 прегледи Фото: Локално

Официјално започна  кампањата за локалните избори, кои ќе се одржат оваа есен во Македонија, во месеците октомври и ноември, соодветно, во општините во кои ќе има и втор изборен круг за избор на градоначалник на територијата на републиката. Како и речиси сите претходни изборни циклуси во повеќепартиската историја на Македонија, во овие триесет и пет години, за жал ниту политичките елити кај нас, ниту пак електоратот( граѓаните), прават диференцијација помеѓу едни парламентарни, локални или претседателски избори, во однос на понудата, испратените политички пораки, понудените решенија и визии за подобрување на ужасните состојби во земјата од секој можен аспект. Па така, ќе се изнагледаме обвинувања за предавства и патриотизам, наметнување на „големите национални теми“, поврзани околу блокираните евроинтеграции, во т.н етничко-македонски политички блок, и обвинувањата за патриотизам и предавство за етничките права на Албанците во т.н етничко-албански политички блок меѓу коалициите предводени од ДУИ и ВЛЕН. Како и да е, пак гледаме добропознат фолклорен вокабулар за македонски услови, кои понекогаш се граничи со пристојноста, и ги надминува границите на цивилизирано општење, дури и за македонски прилики.

Интересни тенденции во лево-либералниот блок!

Согласно, резултатите од минатогодишните парламентарни и претседателски избори и повеќе од очигледно е дека електоратот, барем засега е свртен в десно и очекувањата се дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, ќе победи во сите скопски општини, вклучувајќи го и главниот град Скопје, со исклучок на најурбаната Општина Центар, каде и анкетите, но и расположението на граѓаните упатуваат на победа на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски од редовите на СДСМ, кој за противкандидат има прокси, од помалиот коалициски владејачки партнер ЗНАМ. Со тоа се очекува, Центар да биде опозициското јадро на СДСМ во главниот град , можеби и низ целата држава. Друг проблем, кој се јавува за опозициските социјалдемократи, веројатно по нивна вина, е тоа што дозволија да им се отклонат традиционални коалициски партнери, кои гравитираат во оската на центар-лево, а со тоа дополнително да им однесат гласови од гласачкиот басен на опозицискиот електорат. Не толку ДОМ, колку партијата ЛДП, која направи коалиција околу себе со помали партии, е политичкото „изненадување“ на овие избори, бидејќи либерал-демократите која  се утврдена партија низ овие децении, извадија габарит на советничките листи за Градот Скопје, а имено поранешниот градоначалник на главниот град од редовите на оваа партија Ристо Пенов. Во комбинација со Никола Пановски, очекувањата се дека ЛДП ќе освои значителен број на гласови на овие избори и ќе се репозиционира на македонската политичка карта, повторно како сериозен играч.Од другите интересни Општини за следење на изборната трка и кампања, а со тоа и следствено на изборниот резултат, е локалната самоуправа на југоистокот  на земјата, а имено Општина Струмица. Оваа општина, секогаш важела за една од најинтересните за следење, бидејќи секогаш тука се одвивале тешки битки за „освојување“ од страна на вмровците против поранешниот градоначалник, а потоа и премиер на македонската влада Зоран Заев. После точно дводецениско водење на Струмица од страна на македонските социјалдемократи, за прв пат веројатно е сменета сликата. Со некандидирањето на Костадин Костадинов, и појавувањето на политичкиот субјект ЗНАМ во оваа општина, СДСМ веројатно се наоѓа во незавидна состојба. Презентираната советничка листа предводена од Александар Илиев од ЗНАМ-Струмица, надополнета со искусни и почитувани кадри за советници од сите општествени сфери во градот и од различна фела, ќе бидат препознатливи за гласачите од центар-лево електоратот да го дадат својот глас, и оваа листа да освои позитивен изборен резултат на овие локални избори и да се позиционира како клучен фактор во Советот на Општината, без чија улога, не ќе може да се креираат политиките во Општина Струмица.

Битката за Сталинград кај Албанците!

Во таканаречениот етничко-албански блок, ситуацијата е многу поинтересна  за следење на изборните резултати. Имено, и покрај тоа што се очекува голема победа на коалицијата предводена од ДУИ, на советничките листи, во општините Тетово, особено скопската Чаир се очекува  жестока битка за освојување на  градоначалничкиот  трон. Овие две општини, заедно со Гостивар, донекаде и Кичево и Струга, претставуваат „бисерите во круната на победата“ во политичкиот блок на етничките Албанци кај нас. Па така, ќе гледаме двојно прогласување на победа: ако коалицијата ВЛЕН победи во општините Чаир и Тетово, а  ДУИ на советничките листи, кажувајќи дека „тие го имаат легитимитетот кај Албанците“. Единствено сметките може да ги замрси голема победа на ДУИ и во општините Чаир и Тетово, вклучувајќи „поплава“ за ВЛЕН на советничките листи. Тогаш, ќе гледаме „жешка политичка зима“ и нови моменти на политичката сцена во Македонија.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.