Политички лаги и видео ленти

„Може навидум изгледа како хронологија која нема актуелно значење, но всушност сагата односно шпанско-латиноамериканска сапуница со овој договор за голема владина коалиција меѓу ДПМНЕ мицковистичко и СДСМ и којзнае уште што (која не се случи, што значи некој некого излажал), е сеуште апсолутно многу важна, и оваа одгатка на големата мистерија за договорот мора и понатаму до последни подробности да се анализира“

од Nikola Popovski
50 прегледи

Мислам дека со насмевката на госпоѓа Славјанка Петровска (поранешната министерка за одбрана од СДСМ) при одговорот на новинарското прашање во една ТВ емисија се комплетира групата на факти и конечно се одгатна една од најголемите мистерии и јавни тајни во политичката реалност на РСМ. Иако сеуште недостигаат неколку подробности, се чини дека веќе може да се реконструира следот на настани кои сеуште има битно влијание врз општествено-политичките состојби во нашата понова историја, па дури е и клучна детерминанта на изборните резултати. После нејзиниот одговор може плаузибилно да се објаснат мошне важни настани кои суштински ја определија денешната неподнослива политичка реалност односно генеаологијата и херменевтиката на диктатурата на режимот во која живееме. Драматичноста на мигот на целосна Хусерлијанска феноменолошка редукција и ставање во загради на потеклото на суштината на нашата политичка реалност е достојна на исклучително силната експлозија на значења врз сите аспекти на современиот политички дискурс овде. Дотолку повеќе, од перспектива на сознанието, денес во определени аспекти имаме само привид на политиката и само претенциозен лош филм за кои веруваме дека е реалност, кои има елементи на драма со твист заплети но повеќе е како шпанско-латиноамериканска сапуница наречена валкани политички игри во мициленд, нешто како од Квентин Тарантино во нашиот сокак со политички секс, лаги и видео ленти; или некој филм од омилениот ми режисер Ларс фонТрир, со неочекувани и шокантни сцени без видлив континутет во мошне драматичната нарација и Бодријаровски сцени на спектакл.

КВЕНТИН ТАРАНТИНО И СДСМ

Се разбира, станува збор за идејата на Заев која била прифатена од дпмне мицковистичко за голема владина коалиција (Љубомир Фрчковски „Се гледа крајот, а се гледа и можен почеток“, 23.09.2025 08:31, Либертас.мк.). Имено, во емисијата „24 Анализа“ со наслов „Дали резолуцијата на Филипче е самоубиствен потег пред локалните избори?“ од 25.09.2025, на прашање на новинарката за големата владина коалиција и договорот меѓу Заев и Мицкоски, г-ѓа Славјанка Петровска одговара, цитирам ,,Јас во таков договор не сум учествувала, ниту пак сме биле запознаени дека таков договор постои… на средбата која ја имавме како пратеничка група со претседателот Филипче… имаше такво прашање околу такви шекулации и од претседателот Филипче тоа беше отфрлено како шпекулација“ (36.38 минута). И така според видео лентите, очигледно има(ло) многу лаги и политички секс, нешто како во шпанско-латиноамериканските сапуници, секој со секого. Некој (или некои) или секој (секои) секого лаже – Фрчковски децидно кажува дека договор имало, Венко тврдел дека тоа е шпекулација (што и да значи тоа, но во изворно значење е негација на нешто). А или имало договор, или нема(ло), трето нема, тоа е логичкиот закон на исклучен трет. Што значи, иако Венко директно не го негирал договорот, не го потврдил директно, а тоа може да значи дека не знае(л) за истиот, што реално, после фотографиите од јахтата на Медитеранот и Дубаи журката со Харис Џиновиќ, е тешко да се замисли односно претпостави. Дотолку повеќе што во една јутјуб емисија Венко на прашање за постоење на договор меѓу Заев и Мицкоски јасно и гласно кажа дека нема такво нешто, се сеќавам на тоа интервју на едно парталче од едни што порано беа жестоки апологети на „ликот и делото“ на Мицкоски и употребуваат непристоен речник, со капи со рогови и колку што сфатив од неколку фрагменти од емисиите кои ги имам погледнато, и ден денес имааат добро мислење за видни функционери на дпмне и самиот Мицкоски (демек, тие околу него не чинеле) па го канат да ги повика за да го советуваат. Да, таму одат од некогаш интелектуалниот СДСМ, што е уште еден индикатор за тоа на кое дереџе спаднаа (едниот таму го има во изборен спот за Гордана). Исто така, тврдењето на Венко дека тој договор е шпекулација не соодветствува на она што Героски го пишува во колумната „Ескобар му објаснил на Заев колку е саатот, Ахмети и Груби во Струмица да проверат како напредува карневалот“, (22.01.2023, Плусинфо), каде што децидно вели дека „Што се однесува до средбата на 21 декември, јас детално ја опишав. Им верувам на своите извори и на проверката на фактите што ја направив и стојам зад секој напишан збор… Знам само кои биле учесници на состанокот. Еве, овие луѓе: Зоран Заев, Венко Филипче, Димитар Ковачевски, Радмила Шеќеринска, Петре Шилегов, Игор Ивановски, Миле Зечевиќ, Александар Бајдевски и Предраг Арсовски (како пи-ар експерт)“. Патем кажано, не коментирам небитни ликови, но ова последното име од состанокот се чини од жесток критичар на дпмне станал нивен навивач, на МТВ во една емисија верувале или не, го праша Мицкоски како успевал да постаса толку многу да работи. Дополнителна темнина на мозаикот даваат и следните информации – според Катерина Блажевска во текстот „Алармот на ДУИ индицира дека „планот на Заев“ не е мртов?“ (26.07.2023, dw.com.mk) – „Иако изјавата на Османи е скудна со други детали, аналитичари сметаат дека таа најверојатно алудира на т.н. план на Зоран Заев,за кој на крајот од минатата година детали објави „Плусинфо“. Според тие детали, на 21-ви декември 2022 година Заев имал средба со Димитар Ковачевски,на која биле присутни Генералниот секретар Миле Зечевиќ, Радмила Шеќеринска и други членови на најтесното раководство на СДСМ. На средбата Заев го презентирал неговиот план за политички пресврт во седум точки… Според извори кои тогаш инсистираа на анонимност, Заев за тој план во повеќе наврати разговарал со Мицкоски, а како места на средби посочуваа локации на југоистокот од земјата, вклучително и во Скопје“. Би можело да има голем пресврт во актуелните политички состојби ако Заев достави некоја видео лента од тие разговори.

НАСМЕВКАТА НА СЛАВЈАНКА И ДЕТЕРМИНАНТИТЕ НА ИЗБОРНИТЕ РЕЗУЛТАТИ

Може навидум изгледа како хронологија која нема актуелно значење, но всушност сагата односно шпанско-латиноамериканската сапуница со овој договор за голема владина коалиција меѓу дпмне мицковистичко и сдсм и којзнае уште што (која не се случи, што значи некој некого излажал), е сеуште апсолутно многу важна, и оваа одгатка на големата мистерија за договорот мора и понатаму до последни подробности да се анализира. Затоа што објективно тој фамозен договор во најголема мерка го определи резултатот на изборите лани на 8 Мај, кога сдсм доживеа изненадувачки голем пораз а дпмне мицковистичко неочекуван триумф со дури 58 пратеници. Лично, уште вечерта на 8 Мај, после тие резултати, знаев дека тие не се можни без некакви валкани политички дилови и договори, а индиции за такво нешто имаше долги месеци наназад. Имено, од оваа денешна перспектива, после информациите на Фрчковски и г-ѓа Славјанка Петровска, станува јасно кои биле мотивите и зошто (најверојатно) беа донесени скандалозните имени на КЗ за кои ЕУ повеќепати изрази негативно мислење и предупреди дека се против ЕУ-реформите во правосудниот систем (а да биде случајот дотолку повеќе политички сомнителен, штурите образложенија на Европскиот сдсм парадосално и лажно беа дека, демек, тие се во контекст на усогласување на законите со ЕУ!) Тоа тогаш толку многу беше нелогично што мислам дека ни мали деца не поверуваа во тоа, арно ама, ете, денес веќе може да се претпостават мотивите на тогашното сдсм со Заев и Ковачевски зошто го направиле тоа. Исто така, сега извесни се и одговорите зошто 2-3 месеци пред изборите беа донесени измени на законот за издржување на казни за затворениците (или како веќе и да се нарекува конкретно) со кои наместо специјалистичко-конзилијарно мислење за упатување на домашно лекување оттогаш доволно е да се достави само едно мислење од доктор специјалист (и затоа ги гледавте и денес ги гледате некои од оние од 27-ми во кампања за дпмне мицковистичко), зошто беа зголемени функционерските плати за 78 проценти со што револтот на обичниот народ беше насочен против сдсм, итн. Па што друго би можело да биде тоа ако не директно и намерно ослабување на гласачкиот рејтинг кои никој свесно не би го направил – освен ако немал за цел токму овозможување на голема победа на дпмне, што за жал и се случи. Инаку, јас лично првпат се посомневав, да не кажам бев сигурен во коалицијата Заев-Мицкоски односно некој нивен договор кога еден ден по јавното обелоденување на иницијативата за вонреден конгрес на вмро-дпмне за смена на Мицкоски, кои имаше голема веројатност дека ќе успее, наеднаш тогашната власт на Заев го апсеше г-н Мијалков, и тоа не можеше да биде случајно туку веројатно повик за помош од пријател; и така конгрес немаше, Мицкоски остана „лидер“ на дпмне, а последиците од тоа ги гледаме денес со најсиромашната држава во Европа, згора и под диктаторски режим.

И што е уште поважно, тој договор според мое мислење втемелено на споменатата група на факти и јавни искази сеуште во голема мерка ја определува денешната политичка реалност и најважните одлуки на сдсм. Тоа е клучната детерминанта која го определи и ќе го определи гласачкиот изборен резултат, вклучително и на овие избори – се додека постои. Па, одвреме-навреме има толку политички нелогични и антирационални одлуки (на пример Шукова наместо Ралев за градоначалник на Скопје, упорно одбивање на политички неопходната соработка со Дуи кога наспроти себеси ги имате „сијамските политички близнаци“ дпмне и влен) кои не може поинаку да се објаснат освен дека некој(некои) можеби намерно ги донесува за да го ослаби сдсм како во идеолошка така и во гласачка смисла, а можеби тоа е и одговор зошто понекогаш ќе видите некое чудно партиско соопштение како на пример за поставувањето на споменик на Ќосето и се позачестена појава на ликови околу Венко кои асоцираат на времето на Заев, сосе сите темни облаци околу него (Заев како политичар, секако дека треба да се поздрават хуманитарните активности на неговата фондација).

И така, ние, обичниот народ, ги гледаме сенките и тоа искривени, на вистинската политичка реалност, како во митот за пештерата од Платон, како никогаш повеќе во овие 25 години од најновата форма на Македонска држава. После ова сознание, мора секогаш да помислите на можноста дека има вистинска реалност и илузија на реалност, колективна илузија во која ние живееме; матни и тајни договори ја детерминирале реалноста а ние сме верувале во тоа што го гледаме и слушаме. Наспроти антагонистичката реторика која можеби е само забава за „широките народни маси“, после се, после сите видео ленти, надвор од нашата пештера, во некои скриени и темни сокаци на Македонија, некои разговори и договори го овоможиле воспоставувањето на диктатура во најсиромашната држава во Европа. Без колективна катарза од нив, ќе останеме мициленд уште долго време.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини