Коалицијата ВЛЕН реагира со најдлабока индигнација за случајот во кој беше повреден активистот и носител на листата на НАИ во Липково, Зеќирија Шаини. Особено загрижува фактот што, како што велат, политичките опоненти, предводени од ДУИ, се обидоа да ѝ дадат политичка димензија на оваа трагедија, грубо манипулирајќи со семеен конфликт во сред изборна кампања.
-Но случајот се покажа како семеен проблем и нема никаква врска со политиката. ДУИ доживеа тежок пораз, бидејќи не ѝ успеа обидот да ја искористи ситуацијата за сопствена политичка корист. Тие беа демантирани и од самиот нивен активист, Зеќирија Шаини, кој јавно изјави дека нема политичко непријателство со никого, со што паднаа во вода сите тврдења за наводен „политички атентат”. ДУИ сакаше да се претстави како херој во туѓи сметки – но тоа не помина. Наместо да придонесе за смирување на ситуацијата, партијата повторно приредува политички театар, обидувајќи се, како и секогаш, да создаде перцепција дека „некој работи против нив”, порачаа од ВЛЕН.
Според коалицијата на власт составена од неколку псртии од албанскиот блок, „помогната од неколку платени новинари, кои дење и ноќе шират лаги против власта, ДУИ ги злоупотребува дури и проблемите на сопствените партиски членови“.
-Ова е стар модел на јавна манипулација и политичка виктимизација, кој има цел да го прикрие падот на довербата и губењето на електоратот. ВЛЕН јасно стои на ставот дека безбедноста на граѓаните е одговорност на институциите, а не тема за кампања, стои во нивното соопштение.
Вчера беше приведена сопругата на пулмологот и носител на советничката листа на Националната алијанса за интеграција во Липково. На службен разговор во кумановската полиција се повикани и уште други шест лица. Против сопругата на лекарот кој заврши со прострелни рани, по напад од маскирано лице, во центарот на Куманово, ќе следува и соодветна пријава. 36-годишно лице од Гостивар, се сомничи за обид за убиство. Но тој сè уште е во бегство, информира полицијата. Од институциите најавуваат целосно расчистување на случајот.
Шаини е во стабилна здравствена состојба.