Дел од чоколадните производи во октомври поскапеа за повеќе од 25%. Октомвриски, нови повисоки цени на цигарите. Скапо сезонско овошје и зеленчук – килограм сливи чинат над 200 денари а килограм карфиол се продава по 170 денари. И во новиот извештај на НБМ се нотира дека растот на цените е повисок од очекувањата.
Во првата недела од октомври поголем дел од маркетите направија нагорна корекција на некои од цените а во сите пак се зголеми цената на дел од брендовите на цигари. Една кутија од еден од поскапените брендови сега се продава за 170 денари или за 10 денари повеќе.
Но не само цигарите, октомвриски поскапеа и дел од кондиторските производи.
„Да, точно е дека ги променивме цените. Поскапеа чоколадите. Граѓаните веќе речиси и да не ги купуваат“ – вели една продавачка од скопски маркет.
Чоколадна вафла од 50 грама која чинеше 32 денари сега се продава по 43 денари што значи дека цената само на овој производ е зголемена за фантастични 25,5%.
„Локално“ направи обиколка во дел од маркетите. Забележително беше дека цените на зеленчукот но и на сезонското овошје не „попуштаат“. Конкретно, килограм сливи чини и до 215 денари, килограм грозје, во зависност од сортата се продава и за 100 денари, цената на килогам круши достигнува 200 денари а праските, чија цена и во летната сезона се одржуваше на високо ниво, сега се продаваат и по повеќе од 200 денари. Килограм лимон чини и до 120 денари.
Есенскиот период граѓаните се изложени на „ценовен удар“ и кај зеленчукот кој во овој период типичен за правење на традиционалните зимници, се продава по високи цени.
На пример килограм карфиол чини 170 денари, црвената пиперка од над 50 денари до 90 денари за килограм а цената на морковот достигна 50 денари. Новото мерење на Заводот за статистика покажа дека во септември во однос на август инфлацијата изнесува -0,2% но во однос на истиот месец лани, како и во првите девет месеци од годинава во споредба со истиот период лани. таа е повисока за 4%.
Она што алармира е дека повторно инфлацијата расте кај храната. Така, трошоците на живот за храна и безалкохолни пијалаци во првите девет месеци во споредба со истиот период лани се зголемиле за дури 4,9% додека на месечно ниво, септември во однос на август изнесува -0,1%.
Статистичките мерења покажуваат дека земјоделските производи и натаму се со „плафонски“ цени – во септември до однос на август индексот на цени на мало е намален за 2,6% но на годишно ниво, во првите девет месеци од годинава во споредба со истиот период лани индексот на цени на мало е зголемен за 7,2%.
Според Народната банка иако за забележува тренд на забавување на инфлацијата, порастот е повисок од очекуваното.
„Годишната стапка на инфлација во август забави, но растот на цените и понатаму е повисок од очекувањата, главно поради повисокиот раст на цените на храната и на базичната компонента. Очекувањата за увозните цени во следниот период се ревидирани претежно надолу, а августовските анкети на Европската комисија упатуваат на очекувања на потрошувачите за поумерен раст на цените во следните 12 месеци“ – се наведува во последниот месечен Извештај на НБ.
Дел од економистите алармираат дека државата мора да посегне по „непопуларни“ мерки и реформи за да се излезе од „магичниот круг“ на растечка инфлација и притисокот за раст на платите без економска база.
„Инфлацијата е најголемиот економски предизвик на централно ниво и не може да се реши со ад-хок мерки или политички пораки. Кога владата зборува за „непопуларни мерки“, тоа најчесто значи рестрикции во трошењето, одложување на зголемување на плати и пензии, или пренасочување на буџетските расходи. Но вистинскиот проблем е во тоа што државата досега реагираше краткорочно со субвенции и контроли на цени наместо со структурни реформи кои ќе ја стабилизираат економијата“ – изјави неодамна професорот Абил Бауш во интервју за „Бизнис-инфо“.
Според сегашните буџетски проекции годинава треба да заврши со инфлација од 2,7%, Од почетокот на годината досега инфлацијата два пати беше во „минусна зона“, прв пат во март во споредба со февруари и сега во септември во споредба со август.
Д.А.