„На денешниов голем празник, уште еднаш им оддаваме почит на оние кои пред 84 години тргнаа во тежок и храбар востанички марш, жртвувајќи се за ослободувањето на татковината и создавањето македонска држава на рамноправни граѓани“, стои во честитката на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
„Да потсетам: востаниците со крв ја остварија визијата на нивните претци за слободна и независна држава. Уште еднаш се потврди дека земањето на судбината во свои раце и застанувањето на страната на правдата, наспроти најголемото зло – фашизмот, е победнички чекор!
Отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се придружија кон оската на злото, или се дистанцираа од војната, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се вткаени во нашата слободарска и револуционерна традиција како неразделен елемент на македонската ДНК.
Во драматичните денови на Втората светска војна, покажавме дека обединети и сплотени, без оглед на социјалната, етничката, верската, идеолошката или друга припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, прославата на 11 Октомври, не е само потсетување на една славна епопеја, туку повик за нејзино продолжување со дијалог во мир.
Живееме во тегобно време на војни и воени закани, срамни за 21 век. Битисуваме оптоварени со суштински проблеми во остварувањето на правото, правдата, хуманоста и солидарноста. Исправени сме пред нови предизвици, несвојствени за демократијата. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки.
Повторно мора да бидеме обединети и сплотени, ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија, спремни за жртвување во ослободителната мисија!
Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание! “, стои во честитката.