Сиљановска-Давкова побара помош од дијаспората во спречувањето на егзодусот од Македонија

Пред присутните гости, припадници на македонската дијаспора во Италија, порача дека дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат – да бидеме стандардна европска држава, во која младите ќе остануваат, со која иселениците ќе контактираат и ќе се враќаат.

од Vladimir Zorba
16 прегледи Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на приемот, што по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, се одржа во Генералниот конзулат во Венеција (Местре).

Пред присутните гости, припадници на македонската дијаспора во Италија, порача дека дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат – да бидеме стандардна европска држава, во која младите ќе остануваат, со која иселениците ќе контактираат и ќе се враќаат.

Порачувајќи дека иселувањето, особено на младите, стана најголема закана за нашата иднина, побара помош од дијаспората во спречувањето на егзодусот, преку поактивно учество во креирањето политики и носењето одлуки.

„За да го спречиме егзодусот потребна ни е помош и од дијаспората. Потребни ни се вашите идеи, вашето знаење, вашето искуство, и вашето поактивно учество во креирањето на политиките и носењето одлуките кај нас, дома, што е наша, а не ваша обврска. Мојата посветеност кон дијаспората не е само изборна реторика. Нашата Влада подготвува петгодишна Национална стратегија за дијаспората, во чие изготвување мојот Кабинет има сериозна улога и учество преку претставници во работната група. Оваа стратегија треба да ѝ овозможи на дијаспората многу поактивно да се вклучи во јавната расправа и во зајакнувањето на државата. Дополнително, планирам набрзо да го формирам Советот за дијаспора при Кабинетот на претседателот. Се разбира, од вас ќе зависи кој ќе седи таму, вие подобро се познавате меѓу себе. Вашите искуства и согледувања ни се, и мене ми се лично, бесценети“, вели Сиљановска-Давкова.

На сенародната средба претходеше разговор на претседателката со претставници на македонските здруженија и на црковните општини на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на Исламската верска заедница.