Мицкоски: Очекувањата се дека Шукова нема да ја надмине бројката од 30 илјади гласови во Скопје

Ова за СДСМ не се избори за спас на Македонија, туку избори за спас на нивните лични кариери

од Vladimir Zorba
24 прегледи

Ова за СДСМ не се избори за спас на Македонија, туку избори за спас на нивните лични кариери. Тие се уплашени од одговорност и затоа ова тесна мала група која што ја има киднапирано СДСМ, ја држи цела држава Македонија во грч. И како такво, јас ова го разбирам како потценување на гласачите и директна уцена врз цела држава, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски од митингот во Свети Николе.

Мицкоски се осврна и на трката за градоначалник на Град Скопје, посочувајќи дека кандидатот од СДСМ не е во трка со кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, туку со независните кандидати.

– Јас ја кажувам вистината во очи, без оглед на тоа дали Филипче ме мразел или презирал, како што тоа го кажа на еден од последните митинзи. И тоа што ме презира е помало гајле, поголемо е што таа негова политика на навреди, на ниски зборови, кои што не би требало човек интелектуалец да ги кажува, па колку и да чувствува гнев кон мене и кон ВМРО-ДПМНЕ, ја доведе СДСМ на едвај 120-130 илјади гласови, а во некои општини, оваа политичка партија е трета, во некои е и четврта опција. Во главниот град, на пример, очекувањата се дека нивниот кандидат за градоначалник на Скопје нема да ја надмине бројката од 30 илјади гласови. Што во суштина, е далеку под нивниот биолошкиот минимум, и е доволна основа да биде трка не со ВМРО-ДПМНЕ и со Орце Ѓорѓиевски во Скопје, туку со некои од независните кандидати, истакна Мицкоски.

Осврнувајќи се на довербата во судството, Мицкоски рече дека два проценти доверба во судството се последица на неказнетиот криминал и сознанието дека повеќе од 100 пријави стојат во фиоките на судиите и обвинителите кои им служат на СДСМ и ДУИ.

– Она што сега ги мачи е чувството и сознанието дека се ближи времето на одговорност и се стега обрачот и околу нив и околу оние кои упорно ги штитат. За тие што ги штитат, пак, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ќе каже дека биле големи професионалци, а тие кои што ги штитат и се нивниот последен бастион, се малкумина обвинители и судии, и поради нив денеска довербата на народот во обвинителите и судиите е скромни 2 проценти. Тие два проценти доверба се последица на секој неказнет криминал, на сознанието дека повеќе од 100-тина пријави држат во фиоки и ја штитат својата политичка олигархија по секоја цена. Тие малкумина се нивните лакеи и измеќари, кои што се уште и служат на претходната влада на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.

Додаде дека поради двоцифрената инфлација и празната државна каса што ја оставиле, СДСМ ќе изгубат убедливо на локалните избори.

Слични содржини