Прекувремената работа и работата на празник и во недела не ја плаќаат 90 отсто од газдите во Македонија

-Најголем дел од претставките се за неисплатен К-15, нередовна исплата на плата во законски рок до 15 во месецот, неисплата на минат труд, како и за прекувремена рабаота и работа во недела и на празник. Голем дел од работниците ги собираат прекувремените работни часови и работа на празници и во недела и ги тужат газдите за да си ги добијат парите, вели Пешевски од ССМ за „Локално“

од Nikola Popovski
62 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Прекувремената работа и работењето на празници и во недела не го плаќаат 90 отсто од газдите во Македонија. Од Сојузот на синдикати на Македонија  потврдуваат дека токму прекувремената работа и работењето на празник и во недела постојано се злоупотребува од работодавачите. Тие велат дека истата мора соодветно да се плати, но дека системот за контрола на работно време е во рацете на работодавачите и на таков начин им се дозволува на компании во кои се работи прекувремено, работниците да не добиваат пари за тоа.

-До ССМ секојдневно стигаат претставки за нарушување на работничките права. Најголем дел се за неисплатен К-15, нередовна исплата на плата во законски рок до 15 во месецот, неисплата на минат труд, како и за прекувремена работа и работа во недела и на празник. Голем дел од работниците ги собираат прекувремените работни часови и работа на празници и во недела и ги тужат газдите за да си ги добијат парите. За потсетување за прекувремена работа треба да се исплати дневница плус 135 отсто, а за работа во недела и на празник плус 150 отсто плус дневница. Така на пример ако дневницата ти е 1.000 денари и те викнат во недела на работа треба да земеш не 1.500 туку 2.500 денари, вели за „Локално“, Иван Пешевски од ССМ.

Фото: Иван Пешевски

Голем дел од работодавачите не ги пријавуваат дополнителните работни часови и работа на празник и во недела, што најчесто се открива при повреда на работно место. Ние бараме секоја работа која е регистрирана како прекувремена да не може да биде прераспределена, односно работникот да добие слободен ден, туку секој прекувремен час да се пријави и за него работникот да добие надомест.

-Апелираме секој прекувремен час и работата во недела и на празник да биде пријавена во Државен инспекторат за труд и да биде соодветно платена врз основа на писмена наредба од работодавачот. При тоа треба да се има предвид дека прекувремената работа не смее да изнесува повеќе од 8 часа неделно и повеќе од 190 часа годишно. За над 150 часа прекувремена работа работникот треба да добие бонус плата, објаснува Пешевски.

Работа во недела и на празник се плаќа плус 150 отсто од дневницата. При тоа, додатоците не се исклучуваат ако е државен празник. Работниците во тој случај треба да бидат платени за работа во недела и за работа на празник и доколку има дополнителни часови и тие да му се платат. Доколку се собере сето тоа еден работник може да заработи 285 отсто плус од регуларната дневница, појаснуваат од Синдикатот.

Оттаму посочуваат дека кај нас најчесто приходот од прекувремената работа и работењето во недела и на празник оди во џебот на газдите.

И работниците се жалат дека прекувремените работни часови или не се плаќаат или пак се прераспределуваат како слободни денови во другиот месец. Неплаќањето на прекувремените работни часови е честа појава во македонскиот систем. Иако бројот на такви злоупотреби не е мал, голем дел од работниците не сакаат да ги пријават своите газди поради страв да не бидат избркани од работа.

Б.С.