Обична средба со граѓани или „позадинска соработка“: „Бранкојавление“ од Охрид ја бранува политичката сцена пред изборите

Дали Црвенковски има соработка со ЗНАМ? Ѓунер Исмаил за „Локално“: Ако прашате десет различни луѓе, ќе добиете десет различни одговори

од Nikola Popovski
70 прегледи Фото: Фејсбук/Мицко Кочи

Голем број реакции во јавноста предизвикаа фотографиите на екс-претседателот на државата и бивш лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски во друштво на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на претстојните локални избори. Црвенковски во Охрид беше фотографиран во ресторан со градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, и пратеникот од истата партија Саше Донев. На фотографиите на едната Црвенковски вечера во рестран во Охрид со актуелниот градоначалник Пецаков кој е од редовите на ВМРО ДПМНЕ а на масата се и газдата на фирмата „Пупе компани“. На друга фотографија Црвенковски е со носителката на советничката листа на ЗНАМ за Охрид, Марина Ѓорговска.

Дел од инволвираните во фотографиите велат дека средбата на Црвенковски со Пецаков е случајна, додека постои дилемата за моментот на објавување и самите средби, со оглед дека сме на неколку дена од претстојните локални избори. За дел од познавачите на состојбите постојат повеќе теории, но се додека самиот поранешен претседател не се огласи, ќе се шпекулира во јавноста. Според политичкиот аналитичар, поранешен функционер и еден од основачите на СДСМ, Ѓунер Исмаил, засега не може да се навлегува во било каква теорија за тоа дали е случајно и намерно.

-На крајот на краиштата, гледаме фотографии на поранешниот претседател на Република Македонија кој што по редот на нештата, бил претседател на сите граѓани, и на тие што гласале и на тие што не гласале за него. Во таа смисла, неговиот статус е малку поширок од она што е статус на обичен член на партија. Не занемарувам дека тој е еден од основачите и прв претседател, вели Исмаил за „Локално“.

Ѓунер Исмаил/Фото: Принтскрин/Јутјуб

Запрашан дали можеби Црвенковски има некаква „позадинска соработка“ со партијата на Максим Димитриевски кој е токму поранешен член на СДСМ, соговорникот вели дека тоа не може да го знае во моментов.

-Ова прашање ако го поставите на 10 различни луѓе во Македонија, ќе добиете 10 различни одговори. Во таа смисла, мојот одговор ќе биде 11 одговор. Има или нема, никогаш не сум размислувал во таа насока На крајот на краиштата, поранешниот претседател разговара и се сретнува со многу граѓани во земјава. Било која средба да ја толкувам поинаку освен како средба на бивш претседател со граѓани на земјава, не можам да ја толкувам, посочува Исмаил.

Аналитичарот даде свое видување и за претстојниот изборен процес и кој е фаворит, а кој ќе потфрли на гласањето во недела. Вели дека Македонија ја живее хистеријата на тоа дека победникот одамна е познат.

-Во таа смисла што да додадам на таа хистерија освен дека веројатно бројот на гласови на контото на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде некаков поголем. Ќе биде многу интересно во сферата на советите на локалните заедници каде што се појавија различни интереси односно граѓани со посебни сфаќања и разбирања за тоа кои се нивните потреби и како да ги артикулираат,а не ги гледаат тие артикулации во понудата на регуларните партии. Ние треба да почекаме во понеделник и да ги видиме резултатите на советите и за градоначалниците и според тоа да изведуваме заклучоци каде и како се движи политичката сцена на Македонија односно како размислуваат граѓаните, потенцира Исмаил.

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, коментирајќи ги фотографиите вели дека секој има право со кого сака да седи во кафеана.

„Со Црвенковски сме добри пријатели. Тој е еден од основоположниците на СДСМ и човек кој го почитувам. Добар дел од луѓето во ЗНАМ се поранешни членови на СДСМ, разочарани од тоа што денес се случува во таа партија. Секој има право со кого сака да седи во кафеана”, изјави Димитриевски за централниот дневник на телевизија „Сител“.

Димитриевски вели дека СДСМ за него е завршена приказна, но дека жали што партијата ја води лажен социјалдемократ кој го следат милион афери.

„Жалам што СДСМ дојде до ова дереџе – човек со милион афери, со златна виза за Дубаи, со луксузирање на јахти, кој се продава за чесна душа, денес ја води таа партија. И уште прави алузии на зборовите на Црвенковски – ‘или си СДСМ или не си’. Можеби тој наскоро ќе си замине, но сите тие што денес ја водат партијата треба час поскоро да си одат. Не може лажен социјалдемократ како Филипче да ја води социјалдемократијата во Македонија”, рече Димитриевски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вчера кратко ги коментираше фотографиите кои вчера се појави на социјалните мрежи на поранешниот претседател и премиер, Бранко Црвенковски.

„Во однос на сликата што излезе вчера, можам само да го цитирам поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски ‘Или си СДСМ, или не си“, рече Филипче.

Црвенковски јавно го замрзна своето членство во СДСМ во 2020 година по интервјуто на неговиот тогашен наследник во СДСМ и екс-премиер Зоран Заев за бугарската „БГНЕС“.

„Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ. До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, повика тогаш Црвенковски.

Засега нема став од екс-претседателот и екс-премиер за средбите во Охрид, како и за реакциите во јавноста.

Н.П.

Слични содржини