Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски синоќа информира дека изборите минале во главно фер и демократска атмосфера. Појасни дека уапсени се 11 лица, а исто така се проверувале 19 објави на социјалните мрежи и интернет во врска со изборите.
„Лишени од слобода се 11 лица поради поткуп, фотографирање или уништување на гласачко ливче. Ослободени се четири лица, а седум се задржани поради понатамошна постапка. Пријавени се седум настани со наводна инволвираност на полициски службеници, од кои шест се утврдени дека нема неправилности. Регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи и интернет кои се предмет на понатамошна проверка. Сите овие податоци потврдуваат дека изборниот процес мина во фер и мирна демократска атмосфера и без сериозни нарушаувања на јавниот ред и мир“, рече Тошковски.
Напомена дека во текот на денешниот ден имало приведување и на едно лице вработено во Државната изборна комисија, но за време на лишувањето од слобода, немало работни задачи.
Основното јавно обвинителство презема дејствија за неколку случаи на нерегуларности на првиот круг од локалните избори. Јавниот обвинител Џељаљ Бајрами на прес-конференција рече дека ОЈО до овој момент регистрирала неправилности во Чашка, Крива Паланка, Куманово, Кратово, Чаир и Гази Баба.
-ОЈО Велес презема дејствија за испитување на наводи за поткуп при избори и гласање против две лица од селото Согле, општина Чашка. ОЈО Крива Паланка исто така испитува за наводи за поткуп на гласачи. ОЈО Куманово постапува за проверка на два издвоени случаи за телефонски влијанија врз гласачи во Куманово и Кратово. ОЈО Скопје известено од страна на МВР за две задржани лица на Гласачко место во општина Чаир коишто одбивале да се легитимираат, како и за две фотографирања на гласачко ливче во општина Гази Баба, што во суштина сметаме дека истото е прекршок, а не кривично дело опфатено во Кривичните дела коишто се за избори и гласања, рече синоќа Бајрами.