„ВМРО-ДПМНЕ со 550 советници низ Македонија и градот Скопје, како и со над 300.000 гласови, е апсолутен победник на локалните избори. Кога утре би имало парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ по Донтовиот модел, со овие гласови ќе има над 60 пратеници, додека пак СДС во некои ИЕ би била трета партија“, велат од партијата на Христијан Мицкоски преку соопшение.
Додаваат дека на овие избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 12.000 гласа повеќе од 2021 година, додека СДСМ изгубила 111.000 гласа. Според партијата, ова е пораз кој најдобро ја отсликува недовербата на граѓаните во нивните промашени политики, неспособно владеење и неквалитетни кадри.
-ВМРО-ДПМНЕ е партијата со најголема поддршка во 59 општини и градот Скопје, а во мнозинството од нив има апсолутно мнозинство во советите. Тоа значи дека народот избра стабилност, развој и чесни луѓе кои знаат што значи работа за интересот на државата, а не за лични привилегии.
Граѓаните избраа пат на раст и развој, а не застој и пропаѓање. Со оваа поддршка, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека е партија на народот, што ги слуша граѓаните и работи за нив, додаваат од „Белата палата“.