Македонија повторно гласа како САД во ОН: „Таквиот полтронизам и потчинетост не е никаква гаранција“

Гласаме како САД „по секоја цена“: „Фасада е дека сме западноориентирани, а функционираме тотално источно по руско и кинеско влијание“

од Nikola Popovski
101 прегледи

Генералното собрание на Обединетите нации по 33-ти пат ја осуди економската блокада на САД врз Куба. Од 193 земји членки, 165 гласаа за укинување на ембаргото, а Македонија, заедно со САД, Израел, Унгарија, Аргентина, Парагвај и Украина, беше меѓу седумте што гласаа против. Според Обединетите нации, ова претставува отстапување од досегашната, речиси универзална поддршка на резолуцијата. Македонија и претходно гласаше во согласност со САД по одредени меѓународни прашања – беше воздржана при гласањето за резолуциите за Газа и Украина.

Дали имаме „потчинета“ надворешната политика во однос на САД?

За дел од познавачите на состојбите, темата околу Куба е стара приказна. Се сеќаваме на кубанската криза од 1961 година која можеше да доведе до светска војна, вели во разговор за „Локално“, Мерсел Биљали – универзитетски професор и поранешен советник на претседателот Борис Трајковски и премиерот Владо Бучковски. Тој потсетува дека таму е системот на комунизам, иако не е тој што беше порано.

-Тука Американците продолжуваат со старото непријателство. Дипломатите си гласаат соодветно на своите политики и американските ставови. Не мислам дека им значи нешто посебно. Темата мислам дека не е толку важна во меѓународните односи, посочува Биљали.

 

Мерсел Биљали

Според него, нашата актуелна надворешна политика и последните гласања во Генералното собрание на ОН е додворување на САД. Биљали оценува дека Македонија се води со тотални источни методи, а се продава некој „лажен панамериканизам“ што не соодејствува со реалноста.

-„Фасада“ е дека сме западноориентирани, а функционираме тотално источно. Да не кажам по руско и кинеско влијание. Кинезите барем имаат економски напредок, истакнува соговорникот, додавајќи дека државата си има свој интерес.

-Тоа вазалство е гласање врз база како гледа патронот. Ако ги гледаме сите гласања, имаме 100 пати повеќе ситуации кога дури и природните партнери гласаат поинаку. Тоа не ви е никаква гаранција, таков полтронизам. Треба да докажете развој, демократија, функционалност. Друго се е евтина игра, заклучува професорот.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Во 2024 година, Собранието од 193 члена ја усвои истата годишна резолуција со 187 гласа „за“ наспроти 2 „против“ (САД, Израел), со 1 воздржан (Република Молдавија). Падот на гласовите „за“ и зголемувањето на делегациите кои гласаа „против“ и беа воздржани означи отстапување од речиси универзалната поддршка на резолуцијата од претходните години, наведуваат Обединетите нации.

Иако резолуцијата во ОН останува необврзувачка, нејзиното усвојување уште еднаш сигнализира неодобрување на меѓународната заедница за еднострани принудни мерки со екстратериторијални ефекти. Таа  го повторува долгогодишниот апел на Генералното собрание до сите држави да го отфрлат казненото законодавство на САД, како што е Законот Хелмс-Бартон од 1996 година, за кој Куба и други земји тврдат дека го крши меѓународното право и Повелбата на ОН.

Македонија беше меѓу 12-те земји што се воздржаа на гласањето во Генералното собрание на Обединетите нации, кое вечерта на 12 септември 2025 година со големо мнозинство ја поддржа таканаречената Њујоршка декларација за решение со две држави. Документот, изработен во јули под покровителство на Франција и Саудиска Арабија, ја осудува терористичката акција на Хамас од 7 октомври 2023 година и бара милитантната организација да биде исклучена од идната палестинска власт. Декларацијата, воедно, повикува на јасни, временски ограничени чекори кон палестинска држава и предвидува привремена меѓународна стабилизациска мисија во Газа. Резултатот од гласањето беше 142 „за“, 10 „против“ и 12 „воздржани“.

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски тогаш објасни дека резолуцијата содржела елементи кои биле спротивни на македонските национални интереси.

-Клучниот проблем на резолуцијата е недоволно јасната дефиниција на Хамас, рече Муцунски. Ова објаснување имаше елементи на сличност со она што во пресрет на гласањето на резолуцијата во ОН го говореа израелскиот и американскиот амбасадор во светската организација.

Во февруари годинава, одлуката да гласаме воздржано и за американската и за украинската резолуција во Обединетите нации беше усогласена со ставот на стратешкиот партнер САД. Од МНР тогаш појаснија дека чекорот е направен по темелна анализа на светските политички движења и е потврда за стратешкиот интерес на Македонија за создавање стабилна позиција и поцврсти односи со стратешките партнери.