На американските пржилници на кафе брзо им ги снемува залихите додека го чекаат исходот од трговските разговори меѓу САД и Бразил, што би можело да одреди дали ќе мора да платат значително повеќе за да купат кафе од други земји во иднина.
Бразил е најголемиот производител на кафе во светот и снабдува околу една третина од потрошувачката на САД, но бразилските зрна кафе практично исчезнаа од американскиот пазар од август, кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе царина од 50 проценти за увоз на бразилски производи, потег што е и политички и трговски, објави Ројтерс.
Трамп го обвини Врховниот суд на Бразил дека се однесува неправедно кон својот сојузник, поранешниот претседател Жаир Болсонаро, додека новите царини за кафе и други производи од Бразил се толкуваат како казна за владата на левичарскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, наследникот на Болсонаро. Болсонаро оттогаш е прогласен за виновен за организирање обид за државен удар.
Тарифите предизвикаа хаос во американската индустрија за кафе од 340 милијарди долари – увозниците се заглавени со блокирана стока, пржилниците плаќаат казни за откажани пратки, а потрошувачите плаќаат до 40 проценти повеќе за шолја кафе отколку порано. Залихите во САД би можеле да паднат на рекордно ниско ниво до декември, што врши притисок врз пекарите и синџирите кафе да најдат нови извори на зрна кафе по цени што сè уште им овозможуваат да остварат профит.
Некои веќе мораа да платат царина од 50 проценти за бразилските пратки што беа договорени пред да се воведе новата мерка. Други се обидуваат да ги пренасочат зрната кафе наменети за американскиот пазар кон други земји за да ги избегнат дополнителните трошоци.
Зголемувањето на трошоците го почувствуваа и најголемите синџири, вклучувајќи го и „Старбакс“, чии маржи на профит нагло се намалија во последниот квартал токму поради повисоките цени на кафето. Компанијата соопшти дека „високите трошоци за кафе ќе продолжат да бидат товар барем во првата половина од следната година“.
Некои американски пржилници успеаја да откажат нарачки за бразилско кафе, плаќајќи казни од 20-25 долари за вреќа од 60 килограми, што е само дел од вредноста на пратката од околу 250.000 долари по контејнер, но останаа без зрна за преработка.
Пржилниците тестираат зрна од Колумбија, Мексико и Централна Америка како замена за бразилските зрна, но тие се до 10 проценти поскапи, бидејќи побарувачката се зголеми откако американските царини беа воведени на 9 јули. Во исто време, цените на бразилското кафе паднаа за околу пет проценти.
Според Бирото за статистика на трудот на САД, малопродажните цени за мелено и пржено кафе беа за 41 процент повисоки во септември отколку минатата година, што дополнително ја поттикна локалната инфлација на храната. САД трошат околу 25 милиони вреќи кафе годишно, од кои Бразил досега испорача околу 8 милиони.