Државната изборна комисија (ДИК) информира дека денешното гласање на болни и изнемоштени лица и затвореници се одвива непречено, без пријавени потешкотии, проблеми или поплаки.
-Се спроведува гласањето, навреме е започнато, немаме никаков проблем ниту со изборен материјал и изборни органи, немаме никакви забелешка, приговор, поплака или други информации. Надлежни овластени лица претпладнево беа на терен на одредени општински изборни комисии, информираше Борис Кондарко, претседател на ДИК на продолжението на 151. седница.
Дополни дека гласовите од денешното гласање нема да се бројат одделно, туку ќе бидат запечатени и приклучени кон утрешното гласање, по што ќе се објават како дел од вкупните резултати. Воедно, најави дополнително соопштение за денешниот одѕив по завршување на гласањето.
-Од денешното гласање не се објавуваат резултати и не се бројат гласовите. Тие гласови се ставаат во посебен затворен плик и во кутија. Се приклучуваат кон резултатите од утрешното гласање и заедно со резултатите од утре, по 19 часот, во соодветните избирачки одбори се бројат заедно и се објавуваат во склоп на вкупните резултати, рече Кондарко.
Во рамки на продолжението на 151. седница, ДИК разгледа и неколку приговори за остварување на избирачко право. Четири приговори беа усвоени, со што на пријавителите кои не биле евидентирани во соодветните избирачки списоци им се признава правото на глас, бидејќи ги исполнуваат законските услови. Додека, три приговори беа одбиени како неосновани поради тоа што лицата или веќе се запишани во избирачкиот список, или немаат живеалиште на територијата на државата.