Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вечерва порача дека покрај трите градоначалнички места кои беа освоени во првиот круг, СДСМ во вториот круг победил и во Центар, Македонска Каменица и Зрновци. Филипче очекува конечни резултати уште во неколку општини каде што вели дека разликата е многу мал број на гласови.
-Во изминатите две недели, се вршеше огромен притисок на сите кандидати во овие 17 општини каде што влеговме во вториот круг. Нe се бираа средства ниту методи и тоа само говори дека се соочуваме повторно со истата деструктивна власт на ВМРО-ДПМНЕ која ги злоупотребува институциите кои што им се под контрола. Согласно изборниот резултат на советничките листи и бројот на гласови, СДСМ е втора партија во земјава и прва во опозицискиот блок, кажа Филипче на прес-конференција од седиштето на партија.
Лидерот на СДСМ го повтори ставот дека нема да се повлече од претседателското место на партијата. Смета дека партијата полека се консолидира и дека изборите се дополнителен показател од кои ќе влечат поуки за во иднина. Порача дека ги „разобличиле лажните политики на власта“.
Филипче информира и дека потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска поднела оставка во партијата и со неа соработката ќе продолжи во друга форма.
-Во наредниот период ќе има седници на ИО и ЦО на партијата каде што ќе ги дискутираме резултатите. За кадровските промени ќе ве известам во следните денови, додаде претседателот на СДСМ.