Владата ќе назначи повереници во четири општини каде што не беа избрани градоначалници

Засега нема да има градоначалници туку повереници

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Локално

Владата ќе именува повереници во оние места каде не беа избрани градоначалници на локалните избори, но, откако Државната изборна комисија официјално ќе ги заврши изборите и ќе достави информација до неа. За персонални имиња, како што рече премиерот Христијан Мицкоски, се уште не се водени разговори со коалициските партнери.

-Прво треба ДИК официјално да ги заврши изборите, па да ја информира Владата. Тоа очекувам дека ќе се случи следната недела. И потоа, Владата има рок од 15 дена да постапува по тоа, а потоа ДИК да го информира Собранието за да тоа во рок од 60 дена одржи нови избори во тие општини во коишто беа неуспешни. Тогаш веќе нема услов цензус, оној цензус за излезеност, рече Мицкоски при увидот на градежни работи поврзани со проектот градски воз.

Најави дека во текот на следната недела, кога ќе го добијат известувањето од ДИК, ќе седнат со коалициските партнери, со цел да се предложат имињата на тие што ќе бидат повереници во општините во кои не успеаја изборите.

Повторени избори за градоначалници ќе има во општините Гостивар, Маврово и Ростуша, Центар Жупа и во Врапчиште, бидејќи не беше исполнет услот за излезност од една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список. 

Во Гостивар одзивот беше 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше – 30,31 отсто и во Центар Жупа – 21,49 отсто.

Според изборниот законик, за изборите да бидат успешни, треба да излезат најмалку една третина од гласачите или 33,33 отсто.