Во текот на изминатите неколку години, европските домаќинства се соочија со голема криза со трошоците за живот, влошена од руската војна во Украина и последиците од прекините во снабдувањето поради пандемијата. Многу семејства беа принудени да ги намалат трошоците, а домаќинствата сè уште го следат секое евро дури и сега, со инфлација близу до целта од 2% на Европската централна банка.
Еден од корисните индикатори за приходите на домаќинствата е „средниот изедначен нето приход“(median equivalised net income). Тој индикатор се однесува на типичниот приход по лице, прилагоден за големината на домаќинството и по одбивањето на данокот, пишува Euronews.
Според податоците за 2024 година, средниот изедначен приход во 34 европски земји се движи од 3.075 евра во Албанија до 50.799 евра во Луксембург.
Во рамките на Европската Унија, Бугарија има најнизок медијален изедначен приход – 7.811 евра, додека просекот во ЕУ е 21.582 евра.
Заедно со Луксембург, Швајцарија и Норвешка се на врвот на рангирањето, по што следат Данска, Австрија, Ирска, Холандија и Белгија, сите со приход во опсег од 30.000 до 35.000 евра. Финска, Германија, Шведска и Франција се исто така над просекот на ЕУ.
На спротивниот крај се Северна Македонија, Турција и Црна Гора, додека во рамките на ЕУ, Унгарија и Романија, заедно со Бугарија, бележат приходи под 10.000 евра.
Македонија има медијален изедначен приход од 3.910 евра, пренесе Бизнис инфо.