„Апсолутната власт се расипува побрзо од млеко на сонце“ – можно ли е Мицкоски да ја повтори грешката на Груевски?

Доминантната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди отвора дилема дали локалната моќ ќе донесе реформи или ќе прерасне во опасна самоувереност на власта

од Vladimir Zorba
211 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Креатива Локално

Победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди, со освоени 65 градоначалнички места од вкупно 81 на последните локални избори, е најубедливата доминација на една партиска група во локалната власт во последните години. Од тие 65, дури 55 градоначалници се на ВМРО-ДПМНЕ, а 10 на Вреди. Во споредба со претходниот изборен циклус кога имаше 42 градоначалници, партијата сега е посилна за уште 13 општини.

Прашањето е дали овој резултат ќе биде искористен за реформи или ќе се претвори во политичко самоволие?!

Премиерот Христијан Мицкоски веќе предупреди на можноста за „забегување“ на власта – изјава што звучи како порака до сопствените редови, но и како сигнал до јавноста дека е свесен колку лесно е да се премине линијата меѓу самодоверба и самообожување.

Концентрацијата на толку голема локална моќ секогаш е ризик. Сите почнуваат со добри намери, но кога ќе се почувствува дека државата, општините, институциите се „твои“, тогаш се губи чувството за одговорност.

Политичарите почнуваат да веруваат дека се неприкосновени, а тоа е класичен политички синдром: почетниот елан од совршеиот изборен резултат се претвора во систем каде што критиката станува непожелна, а лојалноста важи повеќе од компетентноста.

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека ова е момент за стабилност, а не за самозадоволство. Висок партиски функционер во изјава за „Локално“ рече дека оваа победа е „шанса конечно да се расчисти со хаосот во локалната власт“.

Сепак, тој не крие дека високото раководство на партијата искрено стравува од испуштање на конците од рака.

– Нема ништо пострашно од човек што ќе поверува дека му е сè дозволено. Апсолутната власт се расипува побрзо од млеко на сонце. Тоа многу добро го знаеме, а и веќе еднаш го имаме доживеано. Но, овојпат ќе бидеме многи попретпазливи“, ни изјави функционерот.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во разговор за „Локално“ потсетува на познатата мисла на Лорд Актон дека „апсолутната власт апсолутно корумпира“.

– Во практика, во балканските пост-тоталитарни државни се остварило ова правило. Се надевам дека ќе немаме злоупотреба на апсолутната власт и нема да дозволиме таа да се реализира во авторитаризам, бидејќи истиот токму тој авторитаризам по вторпат ќе ја распадне оваа мултиетничка и мултикултурна држава. Од друга страна, падот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за 140.000 гласови ми дава за право да заклучам дека власта и да сака ќе нема толкава моќ да спроведе нов режим сличен на тој на експремиерот Никола Груевски. Улогата на медиумите и цивилното/граѓанско општество е тука клучно за да се спречи такво нешто – ни изјави Атанасоски.

Тој има порака и до опозицијата.

– СДСМ треба да се реформира и да се ребрендира од корен, по вертикала и хоризонтала. Да си даде оставка таканаречениот лидер на партијата кој е кукла на конци на „кланот Заеви“, односно СДСМ треба од приватна фирма на Заев да стане повторно политичка партија со платформа, парадигма и со идеологија. Секако, ова мора да се стори ако сакаат некогаш во догледна иднина повторно СДСМ да стане конкурентна партија на македонската политичка сцена – објаснува Атанасоски.

Политичката историја кај нас покажува дека секое владеење има свој рок на траење – не поради противниците, туку поради самата тежина на моќта. Колку повеќе ја држиш, толку повеќе те држи таа тебе. Примери има и премногу. Се почнува со ветувања, со еуфорија и транспарентност, а се завршува со тивок круг на доверливи лица, селективни медиуми и одбранбен став кон секоја критика.

Б.Т.