Хелсиншкиот комитет за човекови права соопшти дека ќе ја следи судската постапка поврзана со трагичниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс” во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Основниот кривичен суд го закажа почетокот на главната расправа за 19 ноември, во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово”.
Обвинителниот акт опфаќа 34 лица и три правни субјекти, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.
Хелсиншкиот комитет потсетува дека долготрајноста на постапките за кривични дела со тешки последици претставува повреда на правото на ефикасно судење, а секое одолговлекување ја продлабочува болката на семејствата и ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.
Комитетот ја повикува судската власт да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка, целосна одговорност за сите кои со своите постапки или пропусти придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства во текот на процесот.
-Комитетот ја изразува својата поддршка на семејствата на загинатите кои на 15 ноември, (сабота) најавија Марш за правда во Скопје, кој ќе почне на Плоштад Македонија и потоа преку Собранието ќе заврши кај Основниот кривичен суд. Граѓанскиот активизам и мирниот протест се легитимни форми на изразување на незадоволство и на потсетување дека правдата не смее да биде одложена. Таа треба да е достапна за сите, без разлика на позицијата и влијанието на обвинетите, стои во соопштението на Хелсиншки.