Трагедија во Радовиш: Убиен ловџија, приведени 11 лица

Кривична пријава против едно лице за „убиство од небрежност“ во село Габревци, против повеќе лица ќе биде поднесена пријава за „незаконит лов“

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: МВР

На 10.11.2025 полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш ги лишија од слобода М.Б.(40) од село Габревци, Љ.М.(64) од село Долни Липовиќ, М.Д.(50) од село Габревци, В.Р.(52) од село Ракитец, М.М.(67) од село Ракитец, С.Р.(34) од село Ракитец, Г.Р.(69) од село Ракитец, В.И.(48) од село Ракитец, В.Н.(72) од село Долни Липовиќ, Г.К.(51) од село Дедино и Ј.Б.(47) од село Габревци, сите во општина Конче. Лишените од слобода, заедно со Ј.П.(46) од село Ракитец, општина Конче, на 10.11.2025 во атар на с. Габревци биле во лов на дивеч без да поседуваат дневни дозволи за лов.

За време на ловот, во еден момент М.Б. од својата ловечка пушка од небрежност испукал еден истрел и го погодил Ј.П. во пределот на стомакот и раката, по што М.Ј. и Љ.М. го качиле повредениот во патничко возило и тргнале кон Итна медицинска помош Радовиш. По пат ја известиле Итната медицинска помош и на место викано „Дедински Чаири”, атар на село Дедино, се сретнале со возилото на итната помош, каде што лекар констатирал смрт кај Ј.П..

Увид на местото изврши јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и екипа на ОВР Радовиш. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.

Од сите инволвирани се одземени ловечки пушки и муниција, а ловечка пушка и муниција се одземени и при претрес на домот на М.Б., извршен со судска наредба.

М.Б., Љ.М. и Г.К. се задржани во Полициската станица Радовиш, а во текот на денот против М.Б. ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „убиство од небрежност“.

Додека, по целосно документирање на случајот против М.Б., Љ.М., М.Д., В.Р., М.М., С.Р., Г.Р., В.И., В.Н., Г.К. и Ј.Б. ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „незаконит лов“ по член 228, а против Ј.Б. ќе биде поднесена и кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот закон.