Бугарски медиуми: Убиецот на кучето Маја избега во Делчево

Докторот од Македонија кој околу 4 месеци живеел во изнајмен стан во Софија, се иселил во вторникот вечерта, потврдиле неговите соседи, пишуваат бугарските медиуми

од Nikola Popovski
229 прегледи Фото: Дунав Мост

Специјалистот по торакална хирургија, д-р Ненад Цоневски, кој работи во софиската Воено-медицинска академија и кој беше снимен на 9 ноември како прегазува куче во главниот бугарски град со својот „Фолксваген Пасат“, се вратил кај своите родители во неговиот роден град Делчево, пренесува бугарски „Телеграф“.

Цоневски, кој околу 4 месеци живеел во изнајмен стан во Софија, се иселил во вторникот вечерта, потврдиле неговите соседи, пишуваат бугарските медиуми. Неколку часа подоцна, докторот ја напуштил Бугарија со својот македонски пасош. Цоневски имал двојно бугарско и македонско државјанство, тврдат извори на бугарски „Телеграф“.

Докторот бил испрашуван во 3-та регионална управа на Полициската управа во Софија, по што бил ослободен.

Објавени беа снимки од надзорни камери кои покажуваат како Цоневски го гази кучето, излегува од автомобилот, го гледа згмеченото куче, се враќа во автомобилот и вози преку кучето, по што си заминува. Во исто време, тој тврдел во полицијата дека го прегазил ненамерно, како што соопштија тамошните истражни органи.

🔞Бура од реакции во Софија: Доктор од Македонија усмрти куче, се соочува со затворска казна до 5 години

Според бугарските медиуми, кучето Маја живеело во софиската населба веќе 14 години, при што локалните жители постојано се грижеле за него. Луѓето се огорчени од постапката на докторот. Различни организации реагираа по видеото. Петиција со која се бара затворска казна за хирургот собра над 200.000 потписи.

Според бугарскиот Кривичен законик, доколку се докаже вина, му се заканува казна затвор до пет години за сурово постапување кон животни.