Во алузија на саркастичната приказна за тоа како малиот Ѓокица го замислува светот, така и фамозниот Фрчковски, вечниот функционер на секоја влада на СДСМ, пред неколку дена покажа како си го замислува светот т.е. дпмне мицковистичко, со список на желби и очекувања кои се повеќе и поголеми дури од Томас Мор-овата утопија, или од оние во „Градот на сонцето“ на Томазо Кампанела. Фрчковски како политички став или дури, еве да го прецениме, персонализирана политичка парадигма за Македонскиот народ и Македонската држава, е се она што Македонците ги доведе до најголемите порази во поновата историја – охридскиот рамковен договор, преспанскиот договор, двојазичноста. Тој, во политичка смисла, е се она што Македонецот не сака да биде, а бидна, барем во формална смисла, токму заради и неговото делување во политиката, а чии резултати ги гледавме и гледаме секојдневно, со фактот за најлошо место за живење во Европа. Среќа што имаме природни убавини и скапоцени археолошки артефакти па некако сеуште може да се живее во мициленд.
На барање на една пријателка која исклучително ја почитувам а која активно се занимава со политика, иако најпрвин негодував бидејќи знаев дека ќе биде политички мазохизам да се гледа и слуша тоа – но сепак, ете, за нејзин атер – го изгледав неговото интервју со остроумниот Васко Ефтов, и таксативно ги издвојував сите мои критички забелешки како ја гледав емисијата. Оваа кратка анализа на неговото интервју првично беше наменета „само за нејзините очи“, но сепак, можеби вреди да го прочитаат и други како потсетник зошто и како лани на 9 Мај се разбудивме во мициленд, и зошто и како ќе останеме уште барем две децении во мициленд – со такви политички визии, нереални очекувања и список на желби, не мициленд туку неверленд или ла ла ленд не ни бега како судбина.
Еве ги.
1. – Манипулативно тврдеше, исто како лидершипот на сдсм уште вечерта по првиот изборен круг, а на кои да потсетам, триумфално победи мицковистичко дпмне, дека истите имале пад од 140 000 гласови. Тоа едноставно не е точно, затоа што даваа гласови на Влен, па самите си го кажаа тоа од дпмне. Колку гласови и каде (Тетово, на пример), тоа нека си праша за попрецизни бројки кај надлежните во дпмне.
2– Во право е дека дпмне ќе се обидат да го покорат тотално обвинителството и судството, иако и сега речиси им е целосно под контрола – тоа е очигледно преку нејасните и сомнителни одлуки за бугарскиот сертификат на оној од анб, пуштањето на слобода на циркузанти за да го напаѓаат сдсм, случајот Кочани итн.
3– Наспроти неговите тврдења, јас сум сигурен дека план за владеење дпмне мицковистичко имаат – па, да владеат неограничено, диктаторски, и да се богатат, и како партија и поединечно. Впрочем, тоа го докажуваат секој ден од кобниот 8 Мај 2024 до денес, 12 Ноември 2025 година.
4– Во врска со гласањата на РСМ во ООН за Палестина и Куба, па јасно е дека дпмне се политички послушници на САД, а за жал и нивни политички миленици. САД преку Агелер им помогна да дојдат на власт, и до ден-денес не сме слушнале ниту најмала забелешка од САД за нивното недемократско владеење. За да ја имаат нивната поддршка, слепо ги слушаат, и тоа им е добра стратегија, впрочем знаеме дека штом најмоќната држава во светот САД те поддржува, ќе владееш без оглед на се друго што правиш во меѓувреме. Останува мистерија кои се причините – дали се во прашање објективните факти на теренот во смисла дека нема политичка алтернатива или имаат некои очекувања и барања од државата РСМ, белким ќе дознаеме некој убав сончев ден.
5– Во врска со НВО секторот, тие запрепастувачки нагло замолкнаа по 8 Мај лани, од првиот ден на триумфот на дпмне на парламентарните избори, а дали поради тоа што веќе нема пари за проекти од Усаид, Сорос итн. по принципот колку пари толку музика, или поради страв од диктаторските методи на власта се уплашија, сеуште е нејасно. Но дури и бројни меѓународни и ЕУ институции и организации замолкнаа, што е уште почудно. На пример, ОБСЕ беше многу гласен во 2015 и 2016 година, тие модерираа процеси на изготвување и донесување нови закони (да не кажам менуваа закони), пишуваа критички извештаи за тогашната власт а сега, што би се рекло, никаде ги нема. Тоа значи дека дпмне имаат поддршка не само од САД, туку и од сите битни држави и меѓународни организации – што е застрашувачки податок. Некои „извештајчиња“ се навистина само „извештајчиња“, само забава за плебсот, тектонските состојби се такви, режимот има целосна меѓународна поддршка.
6– Не е точно кога вели дека дпмне не можат да испорачаат стабилност на државата а посебно со Албанците. Па, со Влен испорачуваат, поврзани се целосно едни со други, си разменуваат гласови, и така и ќе остане, што значи има и ќе има меѓуетничка стабилност. Долги години дпмне и партиите од Влен го договараа режимот, сетете се на бројните појадоци и средби низ годините кои ги имаа. Во тој контекст, Дуи се разочарување, што вели народот, си легнаа на брашното и етапно ќе се намалува нивното влијание, ако веќе воопшто и го има. Меѓу другото и затоа што согласно договорот сдсм –дпмне кој, нели, според Фрчкоски завршил во Август, немаа никаква соработка со сдсм.
7– Нема никаква основа мислењето дека заради некаква заштита на нивните бизниси и пари што ги стекнале во режимот дпмне ќе прават широка влада – тие мислат и планираат да владеат дваесет години и нема кој да ги гони за евентуалните криминали, а по дваесет години којзнае што ќе биде, можеби пропаста на мициленд ќе биде пропаст и на Македонија.
8– Во врска со некаква политичка имплозија заради неквалитетно владеење, ништо нема да има од тоа очекување. Ништо нема да имплодира, ниту има кој да се бунтува против режимот посебно како организирано општествено движење; дпмне буквално се држат под контрола, а ла Орвел. Ќе издржат тие и повеќе од десет години, со политички лаги, заробени медиуми, репресивни методи на тоталитарен систем, со подјармен систем на институции. А нивните членови и симпатизери сите ќе ги вработат – цела јавна и државна администрација до последен вработен за неколку години веројатно ќе биде составена од мициња, нешто ситно за влен-овци и другите. Сосе најразлични субвенции, ипарди, тендери, тоа се околу 200 000 луѓе на државен буџет. Плус нивните семејства, и ете ја бројката над 300 000 нивни сигурни гласачи. Па ти ете оди победи ги. Мало сутра, што би рекол Заев, омилениот политичар на Фрчковски. Од 8 мај лани тврдам, мицково дпмне ќе владее уште најмалку 20 години освен ако скраја да е, не падне некој метеор на планетата земја или на Балканот.
9– Интересна е неговата информација дека договорот Заев- Мицковски односно сдсм и дпмне завршил во Август годинава. Многу време помина од Август до денес а не се гледа никаква промена која би покажала дека тој договор завршил. Не, јас мислам дека, според сите релевантни индикатори, тој трае уште и ќе трае – се додека Заев и, претпоставувам и жал ми е што мора да го напишам ова, Венко, се главни во сдсм.
10– Бесмислено па дури и смешно е тврдењето дека опозицијата расте, а сдсм се консолидирал на овие избори. И дека фракцијата на Заев моментно доминирала во сдсм и во ред било тоа. Г-не Фрчкоски, Заев според се, сеуште управува со партијата, Заев не е фракција туку сдсм денес, судејќи барем според континуитетот на извршувањето на договорот и „политиките“ на сдсм.
11– Очекувано според претходно кажаното од него, тој е против дезаевизација на сдсм, оти Заев за него бил, замислете, историска фигура. Па уште милно го вика и Зоки. Ете го најсуштинскиот одговор зошто дпмне мицковистичко ќе владее уште најмалку 20 години. Наједноставниот рецепт како да го победиш сдсм е само да го спомнеш Заев т.е. промената на името и историскиот национален идентитет на Македонскиот народ.
Без оглед на тоа што го игнорираше прашањето на Ефтов кое ми се чини дека се однесуваше на моите критики кон предлогот за широка, голема коалиција и влада кои ги презентирав во колумната „БАРАЊЕТО НА ФРЧКОСКИ ЗА ГОЛЕМА КОАЛИЦИЈА“, во однос на ова ги повтори небулозните очекувања и желби кои се толку одлепени од реалноста што не вредат ниту најмал коментар. Додуше, соништата се за да се сонуваат, нели. Такво нешто нема да се случи, најпросто кажано. Интринсично секој тоталитарен режим владее тоталитарно до денот на изборен пораз. А, богами, ако го слушате Фрчкоски, сите негови невистинити анализи и нереални надежи вие од опозицијата и од СДСМ, Господ нека ви е напомош, а богами и на нас во наредните дваесет години.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.