ВМРО-ДПМНЕ: Поставувањето на Трајановски за потпретседател на СДСМ е пример дека Заев се уште ја води партијата

„Доказот дека Заев се уште ги држи конците во СДСМ е поставувањето на Трајановски за потпретседател на Филипче“, кажаа од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

„Доказот дека Заев се уште ги држи конците во СДС, е поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на Филипче, сите тројца летото го поминаа на скапата јахта на Заев“, рече на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Венко Филипче како верен послушник на Заев, го прави тоа што неговиот ментор ќе му го заповеда“, додаде Манасиевски.

Манасиевски посочи дека „поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на СДС од страна на Филипче, е еклатантен пример за тоа дека екс-премиерот Зоран Заев се уште ја води партијата во сенка“.

Според него, тројцата заедно ги поминаа летните денови на плажи во Грција, поточно на скапата јахта на Зоран Заев.

На прес-конференцијата се објавени и фотографии од заедничкото летување на Заев, Филипче и Трајановски.

„Уживаа во парите што Заев и Филипче ги испокрадоа од државата со што ги осиромашија граѓаните, кои преживуваа со едвај 150 денари“, кажа членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче не го интересира напредокот на СДСМ, па затоа, како што вели Манасиевски, и го поставува Трајановски за потпретседател, кој како кандидат ги изгуби изборите во Општина Аеродром.

Лидерот на партијата, Венко Филипче, коментирајќи ги најавените промени во раководството на партијата по резултатот на локалните избори, вчера соопшти дека кандидатот за градоначалник на скопската општина Аеродром, Александар Трајановски, ќе биде назначен за нов потпретседател на СДСМ.