Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска порача дека не водат некрофилска политика како што ги обвини премиерот Христијан Мицкоски во однос на трагедијата во „Пулс“. За најавената надзорна расправа и Анкетна комисија, вели дека излегуваат на виделина нечесните намери на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ако сметаа дека треба да имало анкетни и надзорни комисии за другите трагедии, зошто не ги побарале досега? Зошто ги условуваат со ова што ние сега го бараме за Кочани? Втората работа е дека видовме како ВМРО-ДПМНЕ води една Анкетна комисија како таа за Онкологија. Се докажа дека ја искрививувале вистината и дека криеле документи. Не бегаме од ниту една расправа за било која трагедија и случај. Очекуваме да се слушне сечиј глас, ова е барање пред се на родителите. Мислиме дека заслужуваат да им се оствари. Да не се занемари можноста на Собранието за алатките кои што се нудат. Немаме што да изгубиме, кажа Филипче на прес-конференција.
Лидерот на СДСМ е дециден дека не бега од ниту една дебата за досегашните трагедии како за тетовската модуларна болница, трагедијата со автобусот на „Дурмо турс“, и за тоа како превозници без лиценци, и покрај 60 поминувања на државната граница, довеле до загинување на луѓе.
-Таа реторика на навреди покажа фрустрација од неуспешните обиди да вистината или некои блиски луѓе на ВМРО-ДПМНЕ се заштитат од истрагата. Тоа е страв од демократските алатки за докажување на вистината, рече Филипче за обвинувањата на премиерот во синоќешната емисија „Топ тема“.