Не станува збор само за тоа колкави плати земаат вработените во правосудството, туку што и како треба да се направи за да се зајакне системот и тие да стигнат до поголеми буџети, како што функционира во развиените земји. Власта не го коментира така бидејќи не станува збор за реформи. Не е донесен ниту еден реформски закон од реформската агенда, рече денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.
Според него, власта сака да го партизира судството и да ставаат свои обвинители и судии.
-Не може да си дозволи претседателка на државата, која што пред само една година доби половина милион гласови, да каже дека „ова не е реформи туку време на војни“. Само неколку дена откако Никола Груевски од Будимпешта преку пост пишува дека „ова било време на војни во Европа“. Се повеќе ќе станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ е контролиран од Груевски од Будимпешта и они се само извршители на неговите политики и ништо друго, истакна Филипче.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на завчерашната заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на која беше разгледан последниот извештај на Европската комисија за земјава, нагласи дека по 16-ти пат, овој извештај како и претходните не говори само за евалуираниот, туку говори и за евалуаторот. Според неа, ако има оценка или натпревар за политичка подготвеност, тогаш ние ќе бидеме шампиони во спроведувањето, резултатите ги гледаме.
„Ова не е време за реформи, за жал, бидејќи времето наликува на време за време на војна, или пред војна, и тоа не е време кога можат да се прават реформи. Но за мене, и претходно и сега ЕУ е уникатна политичка филозофија која ја поддржуваат сите актери, јавноста на Балканот, ЕУ е перспектива, ЕУ е мотив за демократски реформи, Унијата стимулира реформи што водат до траен мир и стабилбост. Сигурна сум дека нашата интегрираност во ЕУ ќе стави крај на феноменот балканизација, како феномен на постојано менување на границите“, рече шефицата на државата.