Стојаноски: СДСМ преку Кацарска сака да им го земе покачувањето на пензионерите

-Сега кога некој дојде и им ја покачи пензијата на сите пензионери за 7.000 денари, Добрила Кацарска сега сама си поднесува претставка и сака да им ги земе на пензионерите овие покачувања, обвинува пратеникот Стојановски

од Nikola Popovski
130 прегледи Фото: Фејсбук

„Подносител на овој амандман е Венко Филипче, зошто е потпишан Венко Филипче? Заради тоа што неговиот брат Никола Филипче, има компанија којашто произведува алтернативни извори на електрична енергија. 2025 година менување на детален урбанистички план во општина Дојран, каде што тие имаа градоначалник и инсталирање од фотонапонска централа од 23.000 м2, за да се купи 130.000 евра струја, знаете ли кој е сопственик на таа централа? Никола Филипче и Вице Заев. Некој треба да даде, за некој да земе“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието.

Стојаноски исто така истакна дека СДСМ преку судијката Добрила Кацарска го кочи и опструира процесот на линеарното зголемување на пензиите.

„СДСМ во минатиот мандат ја постави Добрила Кацарска во Уставниот суд, продолжената рака на СДСМ во Уставниот суд. Уставната судијка поднела претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста за линеарното зголемување на пензиите. Сега кога некој дојде и им ја покачи пензијата на сите пензионери за 7.000 денари, Добрила Кацарска сега сама си поднесува претставка и сака да им ги земе на пензионерите овие покачувања. СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето на пензиите“, дециден е Стојаноски.

По сопствена иницијатива, Уставниот суд ќе поведе постапка по новите измени на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што се направени во септември годинава, а ги отфрли старите измени на истиот Закон што беа со важност до 31 август 2025 година.

Имено, Уставниот суд вчера ја разгледуваше иницијативата со која се оспоруваат членот 3 и членот 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Всушност, подносителите на иницијативата сметаат дека пензијата не е социјална категорија, туку секој пензионер има остварено различна висина на пензија во зависност од тоа колку години и во која висина уплатувал придонеси во Фондот за ПИОМ и, според нив, се прави дискриминација на една категорија пензионери што се со пониски пензии – да им се исплаќа поголем процент при покачување на пензиите, а на други помал процент или попрецизно, со покачување од 2.500 денари, на секој пензионер му се зголемува пензијата со различен процент.

Оттаму се цитира Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој низ своите пресуди наведува дека за целите на членот 14(забрана од дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, разликата во третманот е дискриминирачка ако „нема објективно и разумно оправдување”, односно ако не ја остварува „легитимната цел” или ако не постои „разумна врска на пропорционалноста помеѓу употребените средства и целта што треба да се реализира”.

Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.