Инспекторите од УЈП, осомничени за трагедијата во Кочани, остануваат во куќен притвор

Кочанскиот суд ги одби жалбите на Обвинителството – осомничените инспектори остануваат во куќен притвор

од Nikola Popovski
6 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин

Кривичниот совет при Основниот суд во Кочани донесе конечна одлука во врска со мерките за безбедност за двајцата осомничени во најновата истрага поврзана со пропустите околу дискотеката „Пулс“.

„Советот од чл. 25 став 5 од ЗКП, при Основен суд Кочани постапувајќи по изјавените жалби од страна на ОЈО Кочани против решенијата на Судија на претходна постапка  со кои спрема двајца осомничени им беше определена мерка за обезбедување присуство -Куќен притвор, ги одбил, изјавените жалби на ОЈО Кочани против истите и донесените решенија на Судијата на претходна постапка ги потврдил“, стои во соопштението од Кочанскиот суд.

Иако во соопштението се наведени само како „двајца осомничени“, контекстот на настаните упатува на тоа дека станува збор за даночните инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП), Драган Паунов и Дуле Димитриев.

Во акцијата на МВР и Обвинителството во четвртокот, поврзана со случајот „Пулс“, беше поведена постапка против 11 инспектори од УЈП во Штип и Струмица. Осуммина заработија кривична пријава за злоупотреба на службената положба и примање поткуп. На сопственикот на дискотеката му кажувале кога ќе има контроли.

Меѓу осомничените е и братот на претседателката на скопскиот Кривичен суд.