Пред второто рочиште за случајот поврзан со трагедијата во дискотеката „Пулс“, движењето „Кој е Следен?“ утринава изведе силна симболична герила-акција пред Кривичниот суд во Скопје. Пред влезот беа поставени десетици „очи“ како порака дека јавноста внимателно го следи процесот и дека сите очи се вперени кон институциите кои треба да обезбедат правично, независно и транспарентно судење. Со акцијата се испраќа јасен сигнал дека семејствата на загинатите, преживеаните и целата јавност очекуваат одговорност и јасни судски постапки, без одолговлекувања и без политички влијанија.
Движењето „Кој е Следен?“ најавува дека ќе продолжи активно да го следи процесот и да реагира секогаш кога постои опасност правдата да биде нарушена.
„Нашата порака е недвосмислена: не смееме да дозволиме трагедијата во ‘Пулс’ да стане уште една неказнета болка. Секој потег се следи, секоја одлука се памети. Правосудниот систем денес повторно е под будното око на јавноста. Пред второто рочиште за „Пулс“ поставивме очи пред Кривичен суд за да знаете дека секој потег се следи и секоја одлука се памети“, порачаа од движењето.
Со денешната герила, случајот „Пулс“ повторно ја вратил темата на одговорноста и довербата во институциите во центарот на јавниот дискурс.
Неодамна од движењето имаа герила-акција пред судницата во КПУ-„Идризово“ каде порачаа дека будно ќе ги следат правосудните органи пред почетокот на судењето за трагедијата во Кочани.
„Кој е следен“ со порака до судската власт: Ве гледаме, правда за жртвите од Кочани е должност