Ковачев: Македонија сама се блокира на патот кон ЕУ

„Му велат на Перев во лице: „Оди си во Бугарија“ - ова е идентично со реториката што самите ја дефинираат како фашистичка“, рекол европратеникот Ковачев за инцидентот со новинарот и публицист

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ Euronews Bulgaria

Денеска се одржува редовниот 24. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Македонија и Европска Унија, односно Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација. По тој повод, говорел бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од редовите на партијата ГЕРБ. Ковачев нагласува дека за прв пат Европската комисија презентира конкретни индикативни рокови – „Црна Гора 2026, Албанија 2027, Молдавија и Украина 2028-29“. Според него, ова е позитивен знак и покажува дека со активни реформи, можно е Европската Унија да има нови членки до 2030 година.

Ковачев во разговор за „Euronews Bulgaria“ ги идентификува Црна Гора и Албанија како земји кои се „најблиску до полноправно членство“, додека другите во регионот сериозно заостануваат. Тој е особено критичен кон Македонија, обвинувајќи ја за, како што вели, „самоблокирање“ поради неподготвеноста на македонската Влада да се придржува до веќе усвоената Преговарачка рамка“

„Државата е иста. Постои континуитет… Повторно преговарање за Преговарачката рамка – нема такво нешто“, рекол Ковачев.

Тој во разговорот се осврнал и врз нападот на публицистот и припадник на бугарската заедница во Македонија, Владимир Перев. Ковачев ги  дефинира состојбите како „опасна атмосфера“.

„Му велат на Владо Перев во лице: „Оди си во Бугарија“ – ова е идентично со реториката што самите ја дефинираат како фашистичка“.

Европратеникот тврди дека „стравот од отворено декларирање на бугарскиот идентитет води кон дискриминација и исклучување од државните позиции“.

Ковачев предупредил за, како што вели, ризикот од прифаќање земји под странско влијание и ја нагласува потребата да се почитуваат правилата и добрососедството. Според него, промените во механизмите за гласање за проширување – на пример, преминување кон квалификувано мнозинство – би биле грешка: „Кога станува збор за добредојде на некого во сопствениот дом, тоа не може да биде со квалификувано мнозинство“.

Тој завршува со предупредување дека брзањето и политичките игри, според него, би можеле да создадат нови тензии во рамките на ЕУ.