Во опасност сме да станеме не евроскептици, туку европесимисти, вели Муцунски

Според него, одговорност и на македонските институции и на ЕУ е да се надмине овој песимизам и да се покаже дека има и добри работи.

од Vladimir Zorba
11 прегледи

Сомнежите кои почнаа да се појавуваат, не се околу идејата за Европа, туку за темпото и предвидливоста на процесот. Во опасност сме да станеме не евроскептици, туку европесимисти. Општество кое верува во Европската Унија, но не е секогаш убедено дека вратата е навистина отворена, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во обраќањето на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, што започна попладнево во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур.

Според него, одговорност и на македонските институции и на ЕУ е да се надмине овој песимизам и да се покаже дека има и добри работи.

Тој потенцира дека нашата држава и нашиот народ остануваат цврсто проевропски настроени, веруваат во Унијата и вредностите што таа ги претставува и тоа не гледаат како на нешто туѓо, туку како на нешто што е наше.

– Она што го бараме за возврат е партнерство со многу јасна перспектива. Процес што е предвидлив, базиран на заслуги и разбирлив за нашите граѓани. Ако го направиме ова заедно, убеден сум дека можеме секој облик на европски песимизам да го претвориме во европски оптимизам, во нашата земја, во нашиот регион и низ целиот наш заеднички европски дом. Времето пред нас може да биде време на одлуки и на можности. Нашата држава е подготвена да го даде својот придонес, заклучи Муцунски.

Слични содржини