ДУИ ги поддржува кандидатите на коалицијата НАИ во Гостивар и Врапчиште

Генералниот совет на ДУИ ја потврди едногласната поддршка за Валбон Лимани, кандидат за градоначалник на Гостивар и Исен Шабани, кандидат за градоначалник на Врапчиште

од Nikola Popovski
15 прегледи

Генералниот совет на Демократската унија за интеграција, на вчерашниот состанок, ја одобри одлуката за повторување на целосната поддршка на ДУИ, како член-основач на коалицијата Национална алијанса за интеграција, за кандидатите на оваа коалиција на локалните избори во општините Гостивар и Врапчиште.

Генералниот совет ја потврди едногласната поддршка за Валбон Лимани, кандидат за градоначалник на Гостивар и Исен Шабани, кандидат за градоначалник на Врапчиште.

ДУИ оценува дека овие кандидатури ја претставуваат сериозноста, посветеноста и визијата на коалицијата за развој на општините и благосостојбата на граѓаните.

Во одлуката се нагласува дека резултатите од изминатите избори покажаа јасна и убедлива разлика во корист на Националната алијанса за интеграција, што дојде како резултат на заедничка работа, ангажман на терен и широка народна поддршка. Генералниот совет верува дека оваа предност ќе се продлабочи дополнително, благодарение на довербата на граѓаните и заедничката посветеност.

-ДУИ потврдува дека ќе се ангажира со сите политички, организациски и човечки капацитети за да ги доведе овие две кандидатури до победа, во интерес на граѓаните на Гостивар и Врапчиште и во функција на нашата заедничка визија за евроатлантска интеграција и одржлив развој, стои во партиското соопштение.