Македонскиот државјанин Ацо Боцевски, познат под прекарот „Циганот“ баран со европска потерница за убиство пред 28 години што беше уапсен на крајот на мај годинава во грчкиот град Катерини, нема да биде екстрадиран во земјава, поради застареност на случајот, одлучил судот во Солун, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Со отфрлање на барањето за екстрадиција, судиите одлучиле и да му ја укинат мерката притвор.
Аце Боцевски во 1998 година е осуден на 15 години затвор за убиството на Сеат Ибраими во центарот на Скопје. Откако беше пуштен во куќен притвор избега од државата. Против него беше распишана една од најстарите меѓународни потерници на МВР.
Според судскиот предмет и документите од македонското обвинителство, како што пишува АНА-МПА, 60-годишниот намерно предизвикал сообраќајна несреќа, а кога жртвата излегла од возилото да ги види оштетувањата, пукал кон него и го убил, додека пак една година подоцна се одржало судењето и бил осуден на 15 години.
Пред солунскиот суд, објаснил дека откако бил пуштен од притвор, побегнал и се преселил во Грција и дека сега има бизнис со соби за изнајмување во областа Пиерија.
-Тој, преку своите адвокати, изјави дека во тој период служел во личното обезбедување на тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров и дека бил на мета од политички причини. Според неговите тврдења, бил задржан во притвор 90 дена, по што бил пуштен на слобода, а потоа избегал со пасош издаден од властите на неговата земја и се преселил во Грција, пишува АНА-МПА.
Со оглед на тоа што изречената казна е пред повеќе од 20 години, согласно грчкото кривично право е застарена и затоа судиите го отфрлиле барањето за негова екстрадиција во Македонија.
Боцевски беше осуден за убиство на Сеат Ибраими, извршено среде бел ден во ноември 1997 година во центарот на Скопје. На убиството му претходела кратка автомобилска брканица низ скопските улици, по што Ибраими, управувајќи „мерцедес“, излетал од патот во близина на зградата на осигурителната компанија „Кјуби“. Боцевски, кој управувал „корвета“, застанал зад него, излегол од возилото, и ладнокрвно го застрелал Ибраими со повеќе истрели, испразнувајќи цел шаржер од пиштолот.
Иако беше осуден, Боцевски побегна откако му беше дозволен домашен притвор, и со години успешно го избегнуваше органите на прогонот. За него беше распишана една од најстарите меѓународни потерници на веб-страницата на МВР.