Уставниот суд информира дека не е донесена конечна одлука за предметот У.бр.13/2025, за членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување).
Судот укажува дека на 24. седница одржана на 19.11.2025 година со мнозинство гласови, изрази сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот. Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука.
Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање.
Во однос на прашањата, дали Уставниот суд поведе постапка за сите линеарни покачувања кои досега беа исплатени на пензионерите, Судот информира дека нема да ги преиспитува одредбите кои го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2.500 денари (исплатени во септември 2024 и март 2025 година) бидејќи на седницата која се одржа на 19 ноември Судот ја отфрли иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18 кои го регулираа тоа прашање, поради фактот што истите беа од темпорален карактер и не се повеќе дел од правниот промет.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска изјави дека повеќе од 70 проценти од пензионерите од следниот месец ќе добиваат помали пензии поради иницијативата на уставната судијка, а за што одлуката е веќе потпишана.
Тој истакна дека судијката на Уставниот суд, според последната информација, ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите.
-Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд, рече Мицкоски.