Продолжува хаосот со автобусите во Скопје – како да се издржи до пролет?

Граѓаните и оваа зима ќе ја поминат чекајќи автобуси што ретко доаѓаат, додека институциите се вртат во круг со поништени тендери и празни ветувања. Јавниот превоз останува во слободен пад, без јасен рок, план или одговорност.

од Vladimir Zorba
28 прегледи

Скопје, изгледа, и оваа зима ќе ја дочека без функционален јавен превоз. Граѓаните повторно ќе бројат минути на автобуските постојки, гледајќи во полуфункционалните дигитални табели и во далечината, надевајќи се дека токму тој автобус што им треба нема да „испадне од смена“ без објаснување.

За некои тоа значи задоцнување на работа, за други пропуштен час на факултет, а за многумина значи нервоза, гужви и чувство дека системот намерно ги тера да се снаоѓаат „како знаат и умеат“.

Во ваква слика, приватните превозници се обидуваат да изгледаат како барем делумно решение. Дел од старите, дотраени автобуси навистина се заменети со понови, условите во возилата се подобрени, нема толку чести дефекти по раскрсници.

Но бројот на автобуси останува практично ист, што е клучен проблем, особено за скопјани што живеат во периферијата, каде што постојат една или максимум две линии.

За нив, секое извесно „ќе дојде ли, нема ли да дојде“ трае со години. И не е само прашање на комфор, туку на еднаквост: центарот како да има право на превоз, а краевите на градот – не баш.

ЈСП „Скопје“ во меѓувреме останува симбол на замрзната модернизација. Флотата е во сериозна состојба – стари автобуси со огромна километража, кои со години возат по истите рути, без сериозно освежување, без јасен план за постепена замена.

Сите очи се вперени во Владата, откако премиерот Христијан Мицкоски најави набавка на околу 120 еколошки автобуси, од кои 80 наводно ќе завршат во главниот град. Тоа е ветување што добро звучи кога ќе одекне на митинг, на прес-конференција, во кампања. Но, кога ќе дојде до тендери, рокови и реални процедури, приказната станува многу понеудобна.

Фото: Фејсбук

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, веднаш по преземањето на мандатот, јавно посочи дека очекува автобусите што треба да ги обезбеди Владата да пристигнат напролет, некаде во март. Ако тоа беше реален рок, тогаш денес би требало да сме во ситуација во која тендерот е успешно спроведен, избран е понудувач, а договорот е или потпишан или во завршна фаза.

Наместо тоа, летово Министерството за транспорт ја поништи првата постапка за набавка, бидејќи се пријавила само една компанија која, по евалуацијата, не ги исполнила критериумите од јавниот повик. Факт кој минува како техничка забелешка, а всушност отвора многу пошироко прашање: како е возможно за ваква голема и политички „профитабилна“ набавка да има само една понуда?

Од Министерството тогаш најавија дека ќе направат дополнителни анализи за набавката на електрични еколошки автобуси и дека јавноста ќе биде информирана.

Од тој момент – молк. Нема јасна информација дали е објавен нов тендер, дали е сменет моделот, дали се размислува за друг тип возила или финансиска конструкција.

Владата на новинарските прашања одговара со добро позната формулација: надлежните институции ги разгледуваат сите можни опции и „континуирано и активно работат“ на реализација на ветените проекти. Фрази што можат да значат сè и ништо истовремено.

Нејасно е, притоа, кои се тие „сите можни опции“. Досега во јавноста не беше артикулирана ниту една алтернатива освен купување нови автобуси. Нема дебата за тоа дали дел од средствата би можеле да одат во ремонт на постојните возила, во лизинг-модели, во јавно-приватни партнерства со приватните превозници под поинакви услови… Како да се работи за политичка тема што е удобно да остане магливо формулирана за да има простор и утре да се каже „работиме на тоа“, без многу бројки и рокови.

Во оваа сложувалка на недоречености влегува и проектот за брз автобуски превоз (БРТ), промовиран на крајот од мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов. За тој систем, кој требаше да донесе посебни коридори, побрз проток и, најважно, предвидливост за патниците, обезбедени се околу 70 милиони евра кредит од ЕБОР и тие пари во моментов практично „лежат“ неискористени.

Четири години проектот беше политички неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ, сега одеднаш станува можен, но со одредени измени, како продолжување на трасите и интервенции во концептот.

– Се работи за „сериозно добар проект“ и по низа состаноци со претставници на Владата, вклучително и со премиерот Христијан Мицкоски, процесот е веќе одблокиран. Се надевам дека веќе следната година ќе распишеме постапка и ќе започнеме со реализација – рече вчера скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

И да се почне со реализација на БРТ веднаш, реалната временска рамка не е во месеци, туку во години. Проектирање, ревизии, јавни набавки за инфраструктура, градежни работи, адаптација на трасите, обука на персонал, нови правила за сообраќај… тоа не е нешто што се „штиклира“ до следната грејна сезона.

Граѓаните и понатаму ќе го чувствуваат системот како нешто што се ветува на хартија, а се одолговлекува на терен.

До тогаш, како што стојат работите, суштинска промена во нормализирањето на градскиот превоз не се назира. Единствено што реално се споменува како поблиска перспектива е можноста до Нова година да се вклучат уште околу 20 приватни автобуси во сообраќај. И тоа под услов да се направат измени на Одлуката за превоз на патници, што треба да ја изгласа Советот на Град Скопје. Значи, пак услови, пак политички договори, пак можност нешто да заглави на дневен ред, во комисии, во партиско калкулирање.

Во целата оваа приказна најјасно се гледа едно: јавниот превоз во Скопје не пропаѓа поради тоа што градот нема пари или идеи, туку поради хроничен недостиг на политичка одговорност и јасна стратегија.

Фото: Локално

Се оди од тендер во тендер, од соопштение во соопштение, од ветување во ветување, а граѓаните секое утро пак стојат на иста постојка, со истото прашање во глава: ќе дојде ли конечно тој автобус, или и денеска ќе мора да плаќаат такси, да молат роднина со автомобил, или просто… да тргнат порано и да се помират дека така стојат работите.

И тука, можеби најболното чувство е дека јавниот превоз, кој треба да биде основна, банална услуга во еден модерен град, станува луксуз. Наместо градот да се приспособува врз основа на потребите на луѓето, луѓето се принудени да го приспособуваат животот врз основа на непредвидливиот распоред на автобусите.

А кога политичките одговори на сите конкретни прашања се сведуваат на „во тек се анализи“, секоја нова зима изгледа како повторување на истата стара сцена, со уште малку повеќе недоверба од претходната.

Б.Т.